Данска ја збриша Португалија, со Хрватска за златото в недела во Осло

Соорганизаторот Данска продолжува да гази на 29. Светско првенство за ракометари, прегазувајќи го и најпријатното изненадување Португалија со 40:27 во полуфиналето и со осум победи во исто толку натпревари ќе се судри со Хрватска за златниот медал в недела од 18 часот во Осло.



За Данците ова ќе биде шесто финале на последните осум мундијали, четврто во низа, со што станаа првата селекција на која ѝ успеало тоа, плус ја продолжија серијата без пораз на 36 средби, на кои имаат 34 победи и две нерешени!

Португалија даваше некаков отпор во првото полувреме, кое заврши со водство на казнената експедиција на Николај Јакобсен од „само“ 20:16, но во второто „црвено-белите“ едноставно го декласираа противникот, остварувајќи го најубедливиот триумф во едно полуфинале на СП.

Најдобриот стрелец на шампионатот Матијас Гидсел беше најефикасен на мечот со 9/13, пред Расмус Лауге со 8/8, но за играч на натпреварот беше прогласен голманот Емил Нилсен, кој запиша 15 одбрани со 38 проценти успешност.