Дали Македонија навистина ќе го достигне најавениот економски раст?!

Македонската економија меѓу оптимистичките најави на Владата и песимистичките прогнози на меѓународните институции и опозицијата. Дали ќе се реализира најавениот раст или ќе се потврдат предупредувањата за стагнација, ќе зависи од тоа колку успешно ќе се реализираат капиталните инвестиции, како и од способноста на Владата да одговори на инфлациските притисоци и да го подобри животниот стандард на граѓаните. Очекувањата се големи, но предизвиците остануваат сериозни. Додека власта најавува значителен раст и нови инвестиции, опозицијата предупредува на стагнација и најнизок економски раст во регионот.



Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МРТ1 изрази уверување дека економијата во 2025 година ќе порасне над четири отсто. Тој ја темели оваа проекција на зголемените капитални инвестиции, кои, според него, ќе придонесат за повисок бруто-домашен производ.

Сепак, меѓународните финансиски институции се далеку поумерени во своите прогнози. Меѓународниот монетарен фонд очекува раст на македонскиот БДП од 3,2 отсто за 2025 година, а Светската банка дури и пониски 2,6 отсто, што би било најниско во регионот. За споредба, Србија и Албанија се очекува да имаат повисок раст, додека Македонија, според овие прогнози, ќе остане на дното во однос на економскиот раст во регионот.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, претходно оцени дека владината проекција за раст од 3,7 отсто е реална. Таа смета дека земјата може да ја искористи европската економска криза за привлекување нови инвестиции, особено во услови кога работната сила во Македонија сè уште е поевтина од европската.

  • Оваа криза, која дава голема неизвесност, ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Односно капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, сепак е на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 % е реална проекција, изјави Димитриеска-Кочоска.