Дали во Солун ќе се расправа за културната соработка Македонија -Грција и за македонскиот како јазик со свои дијалекти и во Егејска Македонија?

За перспективите на културната соработка на академско рамниште, со македонскиот јазик ставен во средиштето на вниманието, ќе расправаат македонски и грчки професори на меѓународната научна конференција, што ќе се одржи денеска во Солун. Научната конференција ја организира Катедрата за Балкан, словенски и ориентални студии при Универзитетот Македонија во Солун во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Универзитетот Свети Кирил и Методиј од Скопје. Ова е научна конференција, прва од ваков вид на академско рамниште, на која домаќин ѝ е Грција.



На официјалниот постер за научната конференција пишува:

* Македонија – Грција: Перспективи за културна соработка

Македонски јазик

На високо научно рамниште, на научна конференција ќе се споменува поимот македонски јазик среде Солун, во Грција, која и натаму официјално ја отфрла и помислата за постоење македонски јазик. Ако биде третиран македонскиот јазик на оваа конференција како јазик, кој што се говори не само на територијата на денешна Република Македонија, туку и како јазик-матица со свои македонски народни дијалекти-говори и во Егејска Македонија, денес во составот на Грција, тогаш овој настан може да здобие соодветно значење не само за македонскиот јазик и македонскиот народ, туку и за односите меѓу Македонија и Грција како држави, за македонскиот и грчкиот народ како два различни балкански народа, кои говорат два различни јазика.

Дел од учесниците на научната конференција, професорката Александра Јоаниду и професорот Владимир Мартиновски за Македонската информативна агенција – МИА од Атина ја истакнуваат важноста на конференцијата. Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје професор Владимир Мартиновски вели дека меѓусебното запознавање на академските заедници и студентите преку вакви соработки несомнено ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи.

„Научната конференција на Универзитетот Македонија во Солун е одлична можност да ја поттикнеме, да ја зајакнеме и да ја развиеме академската соработка во областа на филолошките науки и хуманистиката. Меѓусебното запознавање преку проучувањето на јазиците, литературите и културите, поттикнувањето на подвижноста на студентите и на наставниот кадар, долгорочното вложување во едукацијата и усовршувањето на книжевните преведувачи ќе придонесат и во развојот на добрососедските односи.“ – истакна професор Мартиновски.

Професорката Александра Јоаниду посочува дека конференцијата „има за цел да ја зацврсти долго планираната соработка меѓу Универзитетот во Скопје и Универзитетот Македонија“. „Официјалното признавање на македонскиот јазик со Договорот од Преспа требаше да се спроведе и во академската средина за да започне конечно плодна размена на идеи, култура, знаење и соработки на академско ниво. Овој настан го сметам како многу важен настан, кој сигнализира не само желба и расположение да се променат кон подобро односите меѓу нашите два народа, туку и трансформација на теоријата во пракса.“ – нагласи професорката Јоаниду.

Според официјалната програма на научната конференција, освен професорите Јоаниду и Мартиновски ќе учествуваат и професорките Румена Бужаровска, Весна Мојсова-Чепишевска и Елени Сидери, професорот Јоанис Манос, асистентката Елена Ѓорѓиовска, Кица Колбе, Евангелос Киријаку, Марија Думпа и Фотис Сионис. Настанот е најавен со специјален постер, на кој е вклучено едно од уметничките дела на македонскиот сликар Лазар Личеноски. Професорките Александра Јоаниду и Румена Бужаровска веќе имаат соработка, со оглед на тоа дека две од книгите на македонската авторка се веќе преведени од македонски на грчки јазик, во превод токму на професорката Јоаниду.

Подготвил: Свето Тоевски