Наместо конкретно да одговорат на предупредувањата на премиерот Мицкоски, засновани врз укажувања и од меѓународни извори, дека Ахмети и неговата партија се подготвуваат за есенска дестабилизација на Македонија, Ахмети и ДУИ се решија за тактиката „противнападот е најдобра одбрана“ и се огласија со апсурдни тврдења дека божем Владата самата правела „сценарија за дестабилизација на Македонија“, а не ДУИ! ДУИ си се прикажува само како „миротворецот и градителот на стабилноста и безбедноста на државата“!
ДУИ за првпат изнесува еден сосема нов момент во својата „борба за изборниот и политичкиот легитимитет“: „Нацрт-платформата за легитимитетот“ ја подготвил не само „авторот на Охридскиот договор“ американскиот професор д-р Пол Вилијамс, туку и ПИЛПГ?! Кратенката ПИЛГ се однесува на „Групата за Јавно меѓународно право и политика“ / „Public International Law & Policy Group“ – PILG, со седиште во Вашингтон, во САД, а чиј соосновач е токму американскиот професор Пол Вилијамс. Се досега како ангажиран од страна на ДУИ за изготвување на таа „платформа на легитимиттот“ се наведуваше само Вилијамс, но од денес официјално се потврдува дека и самата „Група“ ПИЛГ е „составувачот“ на „желботеката“ на Ахмети и неговите функционери.
ПИЛГ е непрофитна организација, која нуди „легални аспекти во мировните преговори во постконфликтните преговарања во насока на мирот и креирања нови устави, како и со цел заштита на човековите права и градење односи меѓу заедниците“. ПИЛГ има обемни искуства од давањето свои услуги за 20-тина држави во Европа, Азија и Африка, а еве сега ДУИ ја става и Македонија на „менито“ на ПИЛГ! „Групата за јавно меѓународно право и политика“ е присутна со своите експерти низ целиот свет.
Од споменатото соопштение на ДУИ произлегуваат неколку дилеми: дали Али Ахмети и неговите сопартијци својата „борба за легитимитетот“ веќе и пошироко ја интернационализираат? Дали Ахмети и ДУИ ќе се обидат со помош не само на скапо платени меѓународни експерти, туку и на одредени меѓународни чинители да се „вратат на власт“, и покрај тоа што веќе постои легитимно избрана и формирана Влада на Република Македонија, формирана од ВМРО ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски и владините партнери од ЗНАМ и Вреди?!
Политичко-безбедносниот експерт Владо Јованоски во својата денешна колумна со наслов „ДУИ со хибридна војна до освојување на власта“, која ја објави весникот „Нова Македонија“ веќе предупреди: „ДУИ ќе поведе хибридна војна против Владата и Република Македонија, во обидот да ја освои власта. … Дали ДУИ би ја добил странската поддршка? Во подготовките за хибридната војна ДУИ вклучи еден од подготвувачите на рамковниот договор, со што ги добива симпатиите на еден дел од светската експертска и политичка јавност. Високите раководни структури на ДУИ функционираат врз принципот ‘ако нешто не можеш да добиеш со употреба на сила, пробај со пари, ако не го добиеш со пари, пробај да го добиеш со многу пари’. Со примена на овој принцип ДУИ ќе освои поддршка од значаен дел од странски политички – институционални и вонинституционални чинители.“





