Давкова: Треба да запрат кршењето на јус когенс и непочитувањето на Повелбата на ООН во македонскиот случај!

„Крајно време е за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, огромна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на jus kogens, практикување на правото на мажите, наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот, заради профит и моќ“. – нагласи денеска претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на Самитот на иднината во Обединетите Нации во Њујорк. Инаку, јус когенс (jus kogens) меѓународно третирано се највисоките правни норми, правила и принципи, кои не можат да бидат поништени и кои се посилни од нормите во уставите на државите и содржините на меѓународните договори и конвенции. Правните принципи со третман на јус когенс се и правото на национално самоопределување и самоидентификација, правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност и други.



Македонската претседателка Сиљановска-Давкова укажа дека се залага за длабоки реформи на ООН, кои, како што вели, мора да се бараат со осмислена решителна акција. „Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатеризам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и генералното Собрание, поголема сеопфатност и отвореност на на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со огромните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права.“ – посочи Сиљановска-Давкова.

Според неа, потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание како претставничко тело на нациите.

„Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави позајакната соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми отвореноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави, за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. За таа цел, Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициона влада.“ – укажа Сиљановска Давкова во својата реч.

Таа побара да се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата како во македонскиот случај.

„Западниот Балкан од каде што доаѓам е климатски ранлив регион, што бара регионална стратегија и одговор, но и активна соработка со ЕУ и агенциите на ООН во потрага по обновливи извори на енергија.“ – рече претседателката на Република Македонија Сиљановска-Давкова.

Таа се изјасни дека се залага посебно внимание да им се посвети на лицата со посебни потреби, лицата од сите ранливи категории, како најизложени на дискриминација. „Како потписници на Истанбулската декларација, врз основа на која го усвоивме Законот за превенција од заштита од дискриминација и Законот за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените, високо се позициониравме во нивната заштита.“ – рече Сиљановска-Давкова.

Таа најави дека, соочени со егзодусот на младите, ќе формира совет за млади и совет за дијаспора. „Верувам дека Пактот за иднината, Глобалниот дигитален договир и Декларацијата за иднината се солидна и инспиративна рамка за трасирање и градење иднина, во која мирот, просперитетот и правдата нема да бидат ‘желба за размислување’, туку реална основа за акција.“ – напомна македонската претседателка Сиљановска-Давкова во својата реч на Самитот на иднината во Обединетите Нации во Њујорк.