Пишува Драган Милосављевиќ
Камапањата започна, тргнаа караваните заедно со пропратната музика, ветувања и барем кај СДСМ неверојатно наивни наративи. На ултравладиниот портал Рацин денеска излезе текст со наслов: Може ли Мицкоски да гушне двајца поранешни премиери од својата партија? https://racin.mk/vesti/mozhe-li-miczkoski-da-gushne-dvajcza-poraneshni-premieri-od-svojata-partija/. А понатаму во ова четиво, под фотографијата на Димитар Ковачевски во прегратка со Зоран Заев и Владо Бучковски го читаме следново: „Оваа фотографија го поттикнува прашањето дали може и Христијан Мицкоски исто како Ковачевски да се гушне со двајца поранешни премиери од неговата партија? Одговорот е секако – не.
Прво затоа што прашање е колку воопшто се познава со првиот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, а со вториот, Никола Груевски не само што не е во добри односи, туку до пред некој месец беа и во јавен конфликт.
Дали е до идеолошката матрица или само до конкретните личности, останува непознато, но факт е дека во СДСМ има постојани коректни односи помеѓу актуелни лидери, додека кај ВМРО-ДПМНЕ е сосема обратно“.
Совршено! Како ли им текна?! Господо, просто неверојатно е како со секој изминат ден влегувате од една во друга грешка додека се обидувате да подзакрпите некоја дупка на целосно искинатиот имиџ на лидерот на партијата, но и на целото негово друштво. Прво, да си леташ во прегратки со Заев и со Ковачевски само по себе е срамота. Едниот како премиер „се прослави“ со катастрофалната територијална поделба која „поалбанчи“ дотогаш македонски општини и се разбира со матните зделки за тенковските делови поради кои требаше да лежи во затвор, а само политичките интриги и мизеријата на македонскиот правен систем го спасија од гушкање на решетките во Идризово.
Вториот, аман заман е Зоран Заев лично. Симболот на целосната анархија и колапсот на македонското општество. Суден недосуден, творец на безброј гафови и штетни политики, трговец поединец кој по багателна цена ја продаде Македонија.
И нежностите со овие двајца се доказ за големината, делото, каракетерноста, идеите на Ковачевски? Лошо изведено, господо, лошо.
Што се однесува до прашањето за Мицкоски, се разбира тој самиот би требало да одговори, но вака отстрана може човек само да му честита затоа што не се гушка со Никола Груевски и со Љубчо Герогиевски. Да, за разлика од Ковачевски лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со право се дистанцира од претходникот Љубчо „Војвода“ бидејќи истиот одлучи да се дистанцира од Македонија и да продава „бугарски кашакавал“. Второ, Љубчо и натаму е дел од коалицијата предводена од СДСМ и нему местото за топла прегратка му е токму во тој табор, а не со ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Груевски пак е во Унгарија а Мицкоски, како што ми личи, баш и нема толку големи раце за да стигнат од Скопје до Будимпешта. Но дури и да има, иако Груевски по многу многу нешта беше далеку поспособен премиер од сите сдсмовски шефови на влади заедно, сепак направи и сериозни грешки што го чинеа кариера и слобода, а главната опозициска партија имаше доблест тоа да го признае и седум години да се реформира токму за веќе да не се повторуваат таквите грешки. Значи, лекцијата е научена, што не би можело да се каже за спротивната страна која, жално, се надева дека ќе успее да добие некој поен плус преку луѓе без никаков морален кредибилитет какви што се тројцата на фотографијата.
И конечно, ги прегрнувал Ковачевски или не, Заев и Бучковски сепак носат два гласа на изборите. Во исто време, само вчерашниот огромен митинг пред Владата покажува на чие конто ќе одат гласовите на граѓаните. За паметните доволно!





