Согласно нивната уредувачка политика, грчки медиуми со внимание ја проследија посетата на македонскиот премиер во Србија и од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за српска „Политика“, го „извлекоа“ делот кој одговара на грчката политика околу спорот со северниот сосед со кој Грција е „заглавена“ од 1992 година.
Премиерот на БЈРМ, во интервју за белградскиот весник и околу прашањето за името, рече дека е време да се затвори овој долготраен конфликт, пренесуваат грчки медиуми.
„Со Република Грција, почнавме да градиме односи на взаемна доверба и почит, и уживаме поддршка и во нашите земји и на меѓународно ниво. Исто така гледам чувство на одговорност во грчкото раководство и време е да се затвори овој долготраен конфликт кој го задржува евро-атлантскиот напредок на нашиот регион воопшто.
Затоа сакам да верувам дека секој ќе го преземе дел од одговорноста што му е доделена за да го реши ова прашање “, рече Зоран Заев во еден дел од интервјуто за белградскиот весник што го пренесуваат грчки медиуми според кои време е да се затворело ова прашање што ја вознемирува Грција.





