Грчева: Пратениците во новото Собрание не смеат да одат против својот народ, кој е против уставните измени по налог на соседите!

„Откако стана јасно дека уставните измени нема да бидат изгласани од сегашниот собраниски состав, сега ‘врелиот костен’ околу промената на Уставот се префрла врз новите пратеници: по мајските избори од нив ќе се бара да го затворат ова прашање уште пред да се формира новата влада.“ – се истакнува во анализата на новинарот Сашо Таневски под наслов „Уставот за отстрел?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Ваквото сценарио веќе го најави вицепремиерот Артан Груби, според кого, уставните измени треба да се завршат уште пред формирањето на новиот владин кабинет. „Разговараме во моментов дека слично како и во 2011 година, кога се донесоа некои тешки одлуки откако се конституираше Собранието, а пред да се формира Владата, како што беше автентичното толкување на Законот за амнестија и Законот за јазици, истото да се повтори и по овие избори тој истакна дека, штом во новиот собраниски состав ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, постапката за уставни измени ќе тече во согласност со роковите.“ – рече Груби.

„Штом ќе се отвори процедурата со гласање на одлуката за пристапување кон измени на Уставот со најмалку 80 гласа, волјата е јасна, нема да има изненадувања. Такво размислување (за инсистирање уставните измени да се гласаат пред формирањето влада, н.з.) има во ДУИ, има во другите партии на Албанците. Тоа е директно, или индиректно разговарано и со дел од албанската опозиција, составена од деривати на ДУИ.“ – истакна Груби.

Исто така, пред извесно време и министерот за надворешни работи Бујар Османи потврдил дека е можно уставните измени да се случат по изборите, велејќи дека има договор во првите 100 дена по изборите да бидат донесени уставните измени. Од изјавите, што ги дава вицепремиерот Груби, но и од другите лидери од албанскиот политички блок во земјава дека без согласност за уставни измени нема влада, станува јасно дека уставните измени ќе продолжат да се користат како уценувачка алатка врз принципот „земи или остави“.

Водејќи се по таа логика, во вода паѓаат сите предизборни програми, ветувања и планови, што ги истакнуваат партиите, бидејќи дали Македонија во јуни ќе добие влада, или не, ќе зависи од расположението за уставни измени, а не од решителноста да се тргне во справување со реалните проблеми на граѓаните.

„Пратениците во тој нов парламент, што ќе се конституира по изборите, не смеат да заборават дека 70 отсто од македонските граѓани се противат на уставните измени, така што не смеат да одат против својот народ. Уставот му припаѓа на народот, а не на власта.“ – коментира професорката Солза Грчева, реагирајќи на најавите за можни уставни измени, што би ги спровел идниот парламентарен состав како услов да се формира следна влада.

Според неа, сите политички партии во предизборниот период излегуваат со сопствени програми, што им ги нудат на граѓаните и не смеат да отстапуваат од нив по никоја цена. „Кај партиите од власта и кај албанските политички партии во земјава уставните измени се присутни како нивни програмски цели, но такво нешто не гледам кај опозицијата. Тоа би било политичко самоубиство, за неа ако влезе во нешто, што не им го ветила на граѓаните и таква авантура не смее да си дозволи. Ако отстапат од својата програма, како ќе очекуваат да им се верува на изборите?“ – прашува Грчева.

Таа повторува дека во овој период нема потреба да се влегува во никакви експерименти со уставните измени, уште помалку веднаш по изборите. „Не смееме да избрзуваме со одлуките, бидејќи Европа нема намера скоро да нѐ прима. Наместо уцени околу формирањето на идната влада, треба да се седне и да се најде начин како да се допреговара, по можност да се разговара и за преговарачката рамка, да се вратиме на нормалните услови и на Копенхашките критериуми, кои ѝ се поставуваат на секоја земја-кандидат. Подобро дома да си ги решаваме работите, државата ни е во целосен распад. Устав се отвора во сериозни држави еднаш на 50 години, кај нас почнавме да го отвораме на две години по налог на соседите. Крајно време е да се вратиме на оној колосек на преговарање, што доликува за една сериозна европска земја, што би била рамноправен партнер во таа заедница, а не понижени и разнебитени целосно.“ – заклучува Грчева.