Грчева: Оваа власт, оперирана од љубов кон татковината, не нѐ води во ЕУ, ниту напред, туку право кон дното!

„Со лажна теза дека божем нѐ водат кон ЕУ, всушност, нѐ влечат за нос. За да ја поткрепат приказната, удрија врз единствениот вистински европски интелектуалец меѓу претседателските кандидати: кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата професорката Силјановска–Давкова. Како папагали повторуваат дека таа ќе нѐ влечела кон минатото, ќе сме се изолирале, немало да влеземе во ЕУ. Како најдолна пцост се употребува зборот ‘патриот“, а Пендаровски бил либерал, којвлечел напред и ѝ припаѓал на иднината. Наспроти него, Силјановска–Давкова има визија, волја за промени, знаење и скромност, како и чувства за татковината.“ – вели професорката д-р Солза Грчева, претседателка на вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“, во својата колумна со наслов „Дали СДС-ДУИ нѐ влечат напред, или само за нос?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, натаму Грчева пишува: Нашите обожаватели на анахрониот либерализам, кој не знаат ни да го дефинираат, нека ја прочитаат познатата книга издадена од Универзитетот во Јејл, од проф. Патрик Џ. Денин, со наслов „Зашто пропадна либерализмот“. Или нека ислушаат предавање на темата „Либерализам наспроти национализам“ (при што национализмот е во позитивна конотација), од светски познатиот професор Џон Мерсхајмер. Нашите јавачи на апокалипсата, која ја создадоа, не знаат дека токму тие мислат да нѐ вратат во минатото. Момчиња, дуваат нови ветришта во Европа. Читајте, учете, никогаш не е доцна. Се влече истата мантра во сите нивни портали, независно кој „аналитичар“ пишува според скриптата што им ја поделиле на Бихаќка.

Силјановска ќе ве врати во минатото по примерот на Русија, која заедно со вселенската програма, дигитализацијата на сѐ и сешто, живее во нивните скромни умови во минатото. Тие со овој пустош, гнасотилак на сите страни, без инфраструктура, кражби на столетието, ќе нѐ носеле напред кон ЕУ. Не, бре, луѓе. Оваа власт не нѐ води ни назад, ни напред, туку право кон дното. Му се чудам на Стево Пендаровски како прифатил да биде кандидат на најлошата влада во историјата на Македонија. Барем можеше да размисли и мораше да се спротивстави на ова опустошување на државата од страна на неговите. На пример, да одбиеше да го потпише изменетиот Кривичен законик, кој им дава право на нивните крадливи функционери да се спасат од затвор и е со злоупотребено европско знаменце. Макар како гест.

Лажниве интелектуалциве многу ги дразни атрибутот „патриот“. За нив тој збор е вулгарен, најлоша етикета што можете да ја заработите. Овој нивен дефект не припаѓа ниту на минатото ниту на иднината. Тоа е ендемска болест, која ја има само кај нас. Таква пцост „патриоту низаеден“ не постои никаде. Ама тие ја мислат за модерна работа. Убаво си кажа Заев дека не им личело да бидат патриоти. И за волја на вистината бегаат од тоа како ѓавол од темјан. За нив е врв на постоењето да сте само вонземјанин пристигнат од Марс, без минато, без историја, без свои традиции, оперирани од љубов кон татковината и народот, газење врз неговата посебност, немање никаква почит кон генерациите пред нас „Ин“ е, ако сте аморфна маса.

Уште ако се зачини и со малку квазилева идеологија, која ја сведоа на „лева рака, десен џеб“, животот им станува прекрасен. Затоа и направија држава, во која никој не сака да живее. Дека тие не ја сакаат.

Во своето празно фалење, отидоа дотаму што академикот и писател Влада Урошевиќ го нарече Стево како „висок интелектуалец, кој не се занесува со романтичарски приказни за минатото“. Дури и во МАНУ имаме проблематични интелектуалци штом Стево е за некој од нив интелектуална и научна величина. А преубави приказни од минатото, токму романтичарски, пишува Урошевиќ. Скоро ја читав неговата приказна за прстенот со ахат од древна Кина, кој тој со гордост го носи и денес. За Кина може, ама за Македонија е забрането да се романтизира, камоли да се китите со нејзини симболи. Ако академикот сакал да постигне нешто, веднаш да му кажам дека го постигнал обратното.

Македонија е мала и сите, ама сите знаат дека професорката Силјановска–Давкова е вистинскиот интелектуалец, која има и романтичарски чувства, покрај прагматичните чувства за татковината. Таа има визија, волја за промени, знаење и скромноста како вистинска европска интелектуалка.

Еднаш мораат да престанат лагите и песничката дека овие на власт нѐ носеле кон ЕУ (видовме по која цена, а и тогаш без гаранции поради нивните чираци дипломати), а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нѐ влечеле назад. Од толку влечење назад, на видеоврска за време на конвенцијата се јавија нивни европски сестрински партии, за да дадат поддршка за нашиот пат кон ЕУ и да посакаат успех на двојните избори. Тој пат ќе го изодиме токму ние, „патриотите низаедни“, макотрпно, по сите направени штети, но достоинствено како што единствено ѝ личи на сериозна и суверена земја, кандидат.

Во новата геополитичка ситуација ЕУ е и тоа како заинтересирана да го приклучи Западниот Балкан во своите редови. Како што беше и НАТО, кој и да не сакавме ќе нѐ зграпчеше кај себе. Затоа, оладете со прифаќање уцени. Има начини, ама не се за вас разбирливи, ниту можете да ги одработите. Треба многу знаење и умеење во надворешната политика.