Грчева го поврза пасошот на Груевски со промена на името

Поранешната пратеничка Солза Грчева на својот профил на „Фејсбук“ направи паралела меѓу враќањето на пасошот на Зоран Заев пред две години и можноста тоа да се повтори со Никола Груевски, и тоа во функција на промена на името!



„Во 2015 судот му го врати пасошот на Заев за да оди на преговори во Стразбур. Сега истото може да се случи со пасошот на Груевски за одење во Париз за промена на името. Се сеќавате на мојата теза која нон-стоп ја повторувам, дека од уценети политичари стигнавме до уценета држава. Е затоа драги мои, новата партија не смее да има лица кои имаат криминално, корупциско досие. Нулта корупција, посебно никако политичка корупција. Не ни требаат олигарси, на кои ќе им бидеме должни со камата. Скромно и сигурно напред. Свои секогаш!“, напиша експратеничката.

Грчева, која стана независен пратеник откако пред три години Социјалдемократски сојуз ја исклучи од членство поради прекршување на бојкотот на Собранието, за в недела во родниот Штип го најави првиот чекор кон формирањето нова партија.