Грција избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН

Генералното собрание на Обединетите нации ги избра Грција, Данска, Пакистан, Панама и Сомалија за нови непостојани членки на Советот за безбедност, чиј двегодишен мандат ќе почне на 1 јануари 2025 година.



Тие ќе ги заменат Еквадор, Јапонија, Малта, Швајцарија и Мозамбик во Советот за безбедност на ОН.

Данска доби 184 гласа во гласањето на Генералното собрание, Панама 183, Грција и Пакистан по 182, а Сомалија 179.

На Грција ова ќе ѝ биде трет избор за непостојана членка на единственото тело на ОН со право да донесува правно обврзувачки одлуки од типот воведување санкции или овластување употреба на сила по 1952-1953 и 2005-2006.

Советот за безбедност на ОН има пет постојани членки со право на вето – Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД. Останатите 10 членови се избираат на Генералното собрание, секоја година по пет.

За да се обезбеди географска застапеност, местата се доделуваат на регионални групи држави.

Ако кандидатите во нивната група се кандидираат без противење, тие, сепак, мора да добијат поддршка од повеќе од две третини од Генералното собрание.