Бордот на директори на грчката ракометна федерација до Европската ракометна федерација (ЕХФ) испратила два документа со кои од претседателот Михаел Виндер бара да се казни Македонија.
И од правната служба на ЕХФ се бара македонската ракометна федерација да биде казнета за провокациите пред мечот меѓу младите селекции на двете земји кој беше прекинат откако грчките ракометарки го напуштија теренот.
Во докуметите се опишува што се случувало пред мечот кој требаше да се игра во рамки на европското ракометно првенство за девојки до 17 години и се бара казна за Македонија затоа што ги прекршила правилата на ЕХФ и времената спогодба меѓу двете земји.
Во писмото до ЕХФ се вели дека МРФ не ги имплементирала одлуките на ОН, меѓународните договори и меѓународното право кои што предходно се користеле на сите светски настани.
Грчката федерација на ЕХФ му го објаснува целиот спор за името од 1993 година и наведува дека македонскиот национален ракометен тим не смеел да се појави со името Македонија на спортската опрема без разлика дали со неа се игра на теренот или служи само за загревање.
Грчките претставници велат дека по долги години меѓународни битки сега повторно се соочува со сериозни провокации од Македонија кои ЕХФ ги толерира и наместо да ја дисквалификува нашата земја ги одстранил грчките ракометарки од првенството.
Во писмото се наведува дека ЕХФ сама ги прекршила своите правила а дополнително дозволила логото на турнирот да биде „2017 Македонија“. Според писмото и покрај реакците логото било променето само за мечот меѓу Македонија и Грција.
Доколку грчкиот тим не се повлечел од натпреварот тоа ќе бил сериозен аргумент подоцна ЕХФ целосно да го прифати името Македонија како официјално, тврди грчката федерација според која, ваквите „ефтини трикови“ на МРФ се добро познати и се случувале често пати досега.





