Груби: Законот за јазиците ќе се усвои најдоцна до јануари

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, ја отстрани неизвесноста околу понатамошното процесуирање на Законот за употреба на јазиците, прецизирајќи дека тој ќе биде усвоен најдоцна до јануари.



„Сакам да потенцирам уште еднаш дека не станува збор за откажување од Законот за јазиците, бидејќи тој ќе биде пред Комисијата за европски прашања следната недела или една недела подоцна, по буџетот, и ќе се реши за три дена во Комисијата. Бидејќи, според правилникот, може да се зборува само три дена за амандманите, може да се дискутира и за еден амандман или за сите 90 амандмани во тие три дена, а потоа Законот ќе се проследи до господинот Талат Џафери. Тој ќе го стави на пленарна седница и Законот ќе се усвои најдоцна до јануари во Собранието на Македонија“, изјави Груби во дебатната емисија „Патот кон…“ на телевизија Алсат-М.