Груби грешки на „одмаздникот“ Али – Пишува Роберт Димитриевски

Али Ахмети имаше ретка можност барем еднаш да придонесе за својата татковина Македонија. Штом знае дека неговата десна рака до неодамна Артан Груби е во Албанија, лидерот на ДУИ досега имаше време на претек да ги извести органите на прогонот. Можеше и да го убеди својот пријател Еди Рама да го испорача бегалецот од правдата на источниот сосед на Албанија. Конечно, имаше шанса и самиот да појде до засолништето на првиот „прв вицепремиер“ и лично да го посоветува да се врати во Македонија и да докаже дека е „чист како солза“, како што самиот тврдеше на Фејсбук веднаш по заминувањето во Косово од „приватни причини“.



Првиот човек на партијата што две децении беше на власт во Македонија имаше уште мал милион можности за да си го обели образот, но, наместо тоа, реши и понатаму да се инаети. Да им се спротивставува на САД, кои го ставија Груби на црната листа, да им пркоси на македонските правосудни органи и да ѝ нанесува непоправлива штета на политичката сила што ја предводи откога со оружје в рака пред 23 години градеше за себе претстава на, наводен, борец за правата на албанското малцинство во македонската држава.

Ахмети можеше уште по одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да не го земат во Владата да ги повика членството и симпатизерите за конструктивност од позиција на опозиција. Но, очигледно, не му се допадна пораката од американската амбасадорка Анџела Агелер дека во секоја демократска држава мандатарот за состав на владата решава кого ќе го повика во неа. Ниту укажувањето дека никаде во македонскиот Устав не пишува оти победникот кај Албанците мора да биде во извршната власт заедно со победникот кај Македонците, повикувајќи се на т.н. Мајски договор што самиот не го испочитува кога му сврте груб на ВМРО-ДПМНЕ како победник на изборите во 2016 година.

Али помисли дека е незаменлив и оти може да се заканува со „улица“, и тоа во членка на НАТО среде војна во Украина. Прво не се огради, не го исклучи од партијата и не ги повика институциите на системот да се позанимаваат со првиот црнолисташ од ДУИ, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, осомничен за десетина случаи на корупција, а сега го штити Груби. Не избегал, тврди тој, иако самиот немал контакт со него, но имал информации дека Артан е добро и се наоѓа на албанска територија. А во државата во која некогашниот фудбалски хулиган до пред неколку месеци беше вистинскиот премиер, според моќта, немало да се врати пред „одмаздничката правда“, порача првиот интегративец.

Сакајќи да ги убеди екскомандантите на терористичката организација што ја нападна Македонија во 2001 година дека не престанал да биде тврдолинијаш, Ахмети упорно оди со грло во јагоди. Ако знае да чита, а така сугерира онаа фотографија од „епопејата“ со книга в рака, на Али не би му требало многу за да сконта што сака да каже стратешкиот партнер со коментарот на амбасадорката дека е „важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела“.

Продолжи ли и понатаму да удира со главата в ѕид, глумејќи одмаздник, а во суштина бунтовник без причина, нема да биде далеку денот кога и своето име ќе го прочита на листата на непожелни за САД, веднаш по тие на Мерко и на Груби. Од тој момент, па до политичката смрт, е само прашање на време. А за почесниот доктор на науки на Тетовскиот универзитет часовникот брзо отчукува.