Груби во април ѝ нудеше куфер на албанската опозиција, оти „ќе изгубат на изборите“, но сега тој си го спакува куферот!

„Артан Груби веќе си ги спакува куферите од министерството, неговото место ќе го заземе Изет Меџити.“ објави информативниот портал на албански јазик „Фол“.



„Фол“ пишува: „Првиот заменик-премиер во заминување и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во текот на изминавата седмица си ги подготви куферите и работите од неговиот кабинет. Во фотографијата испратена до редакцијата на „Фол“ се гледаат спакуваниот инвентар и другите лични работи. Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, од коалицијата Вреди, ќе го заземе местото прв заменик-премиер и ќе биде и министер за екологија.“

Инаку, Стефан Андоновски, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, уште на 19 мај годинава веќе порача дека „повеќе нема да има играње фудбал во министерството на Груби“, потсетувајќи на тешките злоупотреби, кои ги правеше Артан Груби со просторот на вицепремиерскиот кабинет, во кој во март 2023 година министри на ДУИ играа фудбал на мали голчиња, но и кошарка. Артан Груби беше многу „великодушен“ и кон потпретседателот на Фондацијата „Отворено општество“ Александар Сорос, овозможувајќи му и нему во март лани да ги тренира своите „фудбалерско-шутерски способности“ во неговиот кабинет.

Исто так, и лидерот на ДУИ Али Ахмети го имаше претворано многупати тој исти државен кабинет на Груби како своевидно приватно партиско седиште на ДУИ, примајќи го него на средба различни странски дипломати, небаре е негова приватна сопственост, а не простор опремен со народни пари, од државниот буџет.

Останува да се види каде ќе играат сега фудбал на мали голчиња Груби и неговите колеги-опозиционери од ДУИ и каде ќе им бидат кошевите, на кои ќе играат кошарка. Ама и каде ќе се наоѓа „алтернативната канцеларија“ на Ахмети за партиско-дипломатски средби, штом веќе ќе ја нема онаа државна канцеларија на Груби, од која со куферите на „спортски настроениот прв вицепремиер“ се му е веќе испразнето.