Гросоманиду: Нова демократија не сака решение за името

Амбасадорката на Грција во Скопје што во 2007 година ја повика Атина да ја признае новата реалност, дека Република Македонија постои и е призната од многу држави во светот, во ексклузивно интервју открива дека владата на Константин Караманлис (2004-2009) никогаш не покренала прашање за промена на Уставот на соседната земја или за менување на уставното име со ново, што би произлегле од договорот на двете земји.



Ниту пак, некогаш било покренато прашање за непризнавање на македонската етничка припадност, како што тврди сега лидерот на Нова демократија.

Гросоманиду, која беше амбасадор во Скопје од јануари 2005 до јули 2007 година, кога итно беше повлечена, вели дека Нова демократија во моментов не сака решение за спорот и дека тоа е сега нова тактика на партијата.

Прашана дали додека била амбасадор, а на власт била Нова демократија, се барало соседите да се одречат од македонската етничка припадност и дали смета дека таквото барање никогаш не може да биде прифатено од соседите, амбасадорката вели:

„Во тој период не се поставуваше прашање за македонската етничка припадност. Тоа беше направено со таканаречениот Букурешт плус… кога почнавме да слушаме за иредентизам од Скопје и за потреба за уставна ревизија, како и за опсегот на користење на новото име“.

За второто прашање таа рече дека одговорот е во вчерашната изјава на министерот Никола Димитров.

Прашана дали смета дека напорите што ги прават владите на двете земји имаат шанса за успех, Гросоманиду одговори:

„Верувам дека овој напор има многу потенцијал за успех. И двете земји сфаќаат дека е неопходно излегување од нов ќорсокак… Она што ни е потребно е реализам. И не заборавајте, исто така постои и Привремената спогодба и идејата … се разбира“.

За нејзиното повлекување од Скопје, амбасадорката објаснува:

„Причината поради која бев набрзина повлечена од Скопје беше моето интервју за ‘Фајненшел тајмс’, каде што изјавив дека Грција мора да ја признае новата реалност дека повеќето земји на ОН го признаа Скопје со уставното име и дека треба да направи чекор напред, прифаќајќи го предлогот на Нимиц ‘Република Македонија – Скопје’ како основа за преговори. Тоа беше во јуни 2007 година. Бевме во предизборниот период против Караџаферис“.

По амбасадорувањето во Скопје, Гросоманиду беше испратена на служба во Тунис за време на „Арапската пролет“, а беше и амбасадор во Букурешт.