Грчкиот разузнавач и генерал во пензија Николаос Грилакис, кој во почетокот на последната деценија од минатиот век се обидел да го поткупи тогашниот македонски претседател Киро Глигоров за да го смени уставното име, почина на 91-годишна возраст.
Грилакис беше советник за одбрана, за безбедност и за балкански прашања на Константин Мицотакис додека тој ја вршеше функцијата премиер на Грција од 1990 до 1993 година и требаше да издејствува преименување на соседот во Славомакедонија. Во аферата тогашниот македонски министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, како што објави дневниот весник „Бизнис“ во 2010 година, му понудил на претседателот од Грилакис да прими 100.000 долари и подароци – скапоцена амфора извадена од потонат брод во Егејско Море и скапоцен часовник со златна гривна. Глигоров тоа го одбил, но Фрчкоски преку негови луѓе од доверба на Глигоров во неговиот кабинет му понудил еден милион долари ако Македонија во преговорите со Грција се откаже од уставното име. Глигоров го отрфлил и овој предлог.
На скандалот ќе се осврне и самиот Глигоров во својата книга мемоари „Македонија е се што имаме“, објавена во 2001 година.
„Имаше, тоа првпат ќе го кажам, еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз мене, и тоа на извондредно груб начин, да ја прифатам грчката солуција, да направам нешто за да се откажам од името Македонија. Еден ден министерот за внатрешни работи Фрчкоски ми предложи да примам некои соработници од Службата за да ме известат лично за нешто од нивната работа. Ги примив, а тие ми кажаа дека имале некоја средба со нивни ‘колеги’ од Грција, дека тие официјално им рекле да ми пренесат лично на мене дека, доколку попуштам околу името, готови се да ми префрлат, на која банка сакам во светот, милион долари. Јас ги ислушав, прво, долго ги гледав луѓето, а потоа им реков: ‘Добро, бре, луѓе, како си замислувате шефот на оваа држава да прими милион долари, да се откаже од името Македонија. Како, ве молам, воопшто сте го замислиле тоа? Како воопшто тоа некој може да си го замисли? Тоа е апсурдна работа”, напиша Глигоров во своите мемоари.





