Грејната сезона почна, ама не за сите – дел од радијаторите останаа ладни

Некаде топли, но некаде студени останаа радијаторите во домовите и фирмите кои се снабдуваат преку државната „ЕСМ“ и топланите „Скопје Север“ и „ТЕ-ТО“. Дури 96 објекти во Скопје останаа без греење на почетокот на сезоната. Граѓаните со поделени изјави. Кај некои имало, а некаде немало парно, па морале да вклучуваат греалки.



Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека за време на грејната сезона снабдувачот е должен да обезбеди греење од 6:00 до 22:00 часот. Сепак, на почетокот на грејната сезона доколку има високи надворешни дневни температури,  испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, а доколку температурите се спуштат под 15 степени Целзиусови испораката ќе продолжи. 

Пред почетокот на грејната сезона, како што посочија, во 117 објекти сè уште не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, од кои 25 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.

„ЕСМ“ ги повика граѓаните и компаниите да ги подготват своите системи за греење, а оние кои што имаат било какви проблеми, да пријават.

– Од 96 објекти, во 57 има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 нема пристап до топлинските станици, а во 19 – топлинските станици немаат електрично напојување. Потрошувачите што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Како што изјави денеска, на општините им се исплатени блок дотациите, па на градоначалниците, но и на школите и директорите е да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната реакција на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој повика Владата да го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во оваа општина, Јаневска изрази верување дека „тој е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.

  • Министерството за обарзование и наука (МОН) дава блок дотации до општините. Блок дотациите им ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. На градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат грејната сезона, така што ова не е прашање што треба да се упати до МОН, нагласи Јаневска по прес-конференцијата за реконструкција на државните студентски домови.

Според неа, ако Јакимовски има дополнитлени барања, „треба да се обрати таму каде што треба, а не до МОН“.

  • Очекувам сите училишта да имаат греење, зашто е невозможно без греење да се учи. Верувам дека градоначаникот кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата, децидна е министерката.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, побара од министерката за образование и наука Весна Јаневска да му даде образложение како да ги менаџира средствата што се префрлаат како блок-дотации за да успее да го плати долгот што основните училишта го имаат кон „ЕСМ – снабдување со топлина“.

Ваквата изјава на Јакимовски доаѓа откако денеска Јаневска рече „верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата“, а на почетокот на грејната сезона радијаторите во училиштата во Карпош останаа студени на барање на општината затоа што не е платен долгот што тие го имаат кон компанијата.

  • Замислете сега ’северџанката’ министерка ме учи мене како да ги менаџирам парите. Како да ги менаџирам? Парите што ми ги дале се префрлени на училиштата, што да ги изменаџираме. Просто е, училиштата потрошиле десет банки, а таа дала две банки. Еве се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката ’северџанка’ да ми објасни како да ги менаџирам парите. Кога ќе ни ги прати парите како да ги оплодиме за да бидат доволно“, рече Јакимовски во денешната изјава за медиумите.

Според него, тоа што министерството за образование не си предвидело доволно пари во буџетот за училиштата во Општина Карпош е исклучиво вина на министерот за образование.

Од вкупно 62.579 корисници на централното греење, половина се домаќинства, а само 1.000 се фирми. Грејната сезона завршува на 15 април в година.