„Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува потврдување на објективната јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите. … Со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик… …историска беше нужноста да се создаде граматика за македонскиот литературен јазик.“ – има кажано уште пред 79 години Круме Кепески, пишувачот на првата „Граматика на македонскиот јазик“, укажувајќи на многувековното постоење и развој на македонскиот јазик. Со ова свое монументално дело тој најдобро ги демантира сите негаторски фалсификати на Бугарија дека македонскиот јазик е, наводно, создаден во 1944/1945 година, Граматиката на Кепески помогна во кодификацијата на македонскиот литературен јазик. На 24 јануари 1946 година Министерството за просвета на Македонија донесе решение, со кое се одобрува употребата на првата македонска граматика на професорот Круме Кепески како учебник во средните училишта. Два дена потоа, на 26 јануари, засновувајќи се и врз извршеното стандардизирање на македонскиот јазик, излегла од печат првата „Македонска граматика“ на Кепески. Најважната улога на неговата Граматика е што ја разви свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Затоа, 79- годишнината од одобрувањето за употреба, а веднаш потоа и излегувањето од печат на неговата и наша „Граматика на македонскиот јазик“ е соодветна пригода за повторно навраќање кон животот и делото на овој знаменит македонски граматичар и јазичар, трајно вградени во темелите на македонскиот јазик и на македонскиот национален идентитет.
Кепески: „Ја пишував граматиката на македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум“
Во врска со пишувањето на својата граматика Кепески уште кажал: „Почнав во февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен правописот, а се дискутираше и за азбуката. Значи, почнав да ја пишувам граматиката и пред да се обнароди правописот и пред да се прокламира азбуката. Од првиот правопис ги видов нормите на нашиот литературен јазик, а ги внесов и термините во мојата Граматика. Меѓутоа, требаше темелно да се проучат нашите форми, акцентот, употребата и значењето на членот, да се проучат и глаголските времиња, особеностите на глаголите и уште некои не малку значајни работи. Доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања, што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно, тоа беше македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што го познавав.“
„Најважната улога на Граматиката на Круме Кепески е што ја разви свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Можеби затоа е поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското.“ – има кажано професорката Снежана Веновска -Антевска од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”.
Со оваа книга истовремено се засновала и македонската граматичка терминологија. Со граматиката се дадени за првпат научните основи на македонскиот литературен јазик, и тој станува рамноправен член во групата словенски јазици. Се покажува посебната структура на македонскиот јазик, поставена уште со формирањето на македонскиот народ, која и понатаму се развива како сведоштво на македонската самобитност. Без оваа граматика не може да се замисли понатамошниот развој на образованието, науките, но и развојот на апстрактното мислење на учениците, на колективот, на народот, и пошироко, на глобалните форми на комуникација. Затоа, Граматиката веднаш нашла соодветна примена во практиката, првенствено во образовната, а потоа и пошироко, во сите заживеани комуникациски области во македонскиот општествено-политички живот, во културата, во администрацијата и т.н.
Круме Кепески (Прилеп, 8 април 1909 – 3 ноември 1988) е еден од основоположниците на македонското граматичарство, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Тој ѝ припаѓа на онаа генерација на македонски интелектуалци и творци, што созреваше во годините непосредно пред Втората светска војна и која се вклучи многу активно во столетните стремежи на своите претходници, но и на своите современици.





