Кошаркарската мапа во Македонија и особено во Скопје ќе доживее драматични промени по преземањето на општините од страна на новите градоначалници. Тоа најдобро се гледа деновиве при подготвувањето на буџетите во две „комуни“ за новата 2018 година. Во нив, а во фокусот се деловите од главниот град каде гравитираат два освојувача на трофеи во популарниот спорт, е извесно дека првиот човек на Центар, Саша Богдановиќ ќе го крева Работнички, а колегата Стефан Богоев од Карпош ќе ги гасне Соколи.
„Пари за Карпош Соколи не се предвидени со буџетот за наредната 2018 година. Минатата година за клубот биле дадени околу 620.000 евра. Како Општина ќе го помагаме спортот, но младинските категории на транспарентен и јавен начин. Ќе распишеме конкурс за помош на клубови, односно за нивните младински категории, со цел децата да имаат подобри услови за спортување. Клубовите кои ќе бидат избрани потоа ќе треба да достават целосен финансиски извештај како се искористени парите кои ќе добијат од Општината“, вели Богоев и веднаш го урева проектот на претходникот Стефче Јакимовски кој успеа да го оформи клубот за учество во Јадранската лига и за пехар во Купот на Македонија.
Претходно деновиве беше соопштено дека општина Центар предвидува 490 илјади евра за КК Работнички што според многу показатели е барем двојно повеќе од тоа што го издвојуваше Андреј Жерновски. Овие пари може да бидат доволни и да биде прекината доминацијата на МЗТ Скопје во последните 6 години, и на црвените од Градскиот Парк да им ја донесе 15 титула.
Овие одлуки на градоначалниците Богоев и Богдановиќ, и нивните општински совети се симптоматични и од аспект на салите кои се сместени на нивна територија. Така од овие одлуки излегува дека во нашата најрепрезенативна сала „Борис Трајковски“ освен евентуалното гостување на екипата од Автокоманда Металург за натпреварите во ЛШ и СЕХА, нема да се игра никаков друг врвен спорт, додека во „риуната“ во Градскиот паркот ќе биде стациониран еден од најдобрите кошаркарски клубови во земјава.