Градоначалникот на Тетово Билал Касами продолжува со спроведувањето на идејата за именување и преименување на повеќе улици во градот.
На својот фејсбук профил објави дека од вчера е отворен јавен повик за прибирање предлози за преименување улици во градот, јави порталот СДК.
„Се известуваат и повикуваат сите граѓани, правни лица, невладини организации, здруженија на граѓани и граѓански активисти кои претставуваат различни групи граѓани на подрачјето на Општина Тетово, заради обезбедување инклузивност и вклучување на јавноста, да достават предлози за преименување улици во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и за именување на новите улици. Јавниот повик ќе трае до 10.03.2025“, се вели во објавата.
Ова коинцидира со барањето на Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи на традицијата од Тетово кои поднсоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24.04.2007, која се однесува на тогаш направената промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.






