Првата жена претседател на Македонија, победничката на претседателските избори, денеска точно на пладне ќе даде свечена изјава во Собранието со што и официјално ќе биде инаугурирана како шестиот претседател на државата.



Свечената изјава ќе ја даде пред пратениците од стариот собраниски состав, по што ќе почне да тече нејзиниот петгодишен претседателски мандат.

Претседателската функција ќе ја преземе од Стево Пендаровски, нејзин противкандидат на овие и на претходните избори во 2019, кому му истекува мандатот.

Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата со највисоки државни и воени почести.

По свечената церемонија, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.

Државната изборна комисија (ДИК) вчера објави конечност на резултатите за Претседателските избори, одржани на 24 април и 8 мај, и го достави извештајот до Парламентот.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски и го врачи Уверението на Сиљановска-Давкова за избран Претседател на Република Македонија, и во име на Комисијата и посака успешен мандат.