„Драги Македонки и Македонци, како носител на Медал за заслуги за Македонија, кој го прифатив како признание за македонската наука, барам да ни се додели македонско државјанство за мене и за мојата сопруга Бранка. Во врска со ова го барам мислењето на македонскиот народ, не на владејачките структури. Со македонскиот народ сум од 1980 година до денес. И во добро и во зло. Моите граници и мојот досег се при крајот и затоа сакам со добивањето на македонското државјанство да го заокружам својот научен циклус како македонист.“ – објави на својот фејсбук-профил Горан Калоѓера, хрватскиот македонист, хрватски славист, професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека, Хрватска, човекот кој ги задолжи трајно Република Македонија и македонскиот народ со својот непроценлив придонес за афирмацијата и развојот на македонскиот јазик и македонистиката. Инаку, барањето на Горан Калоѓера за добивање македонско државјанство наидува на огромна поддршка на општествената мрежа фејсбук токму од тој исти македонски народ, на кому хрватскиот „амбасадор“ на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет му се обрати. Во една од реакциите е наведено: „Барањето на Калоѓера е чест за Македонија и обврска на идната македонска Влада!“
Калоѓера е и човекот, кој ќе каже на 21 февруари 2023 година, по повод Денот на мајчиниот јазик: Македонките и Македонците ги говорат од памтивек своите дијалекти (говори) и тие подоцна се вообличени во стандардниот македонски јазик. Македонскиот јазик е живо суштество, тој се развива, се обновува и е неуништлив. Затоа, залуден ви е трудот, на сите вам, кои сакате да го уништите. Нема да ви помине. No pasaran.“
Во својата денешна објава на фејсбук Калоѓера пишува: За многумина глупаво, ова барање за македонско државјанство е за мене многу важно. Јас сум македонист од 1980 година, основач сум на студиите по македонистика во Риека, надворешен член на Друштвото на македонските писатели, почесен доктор на науки на Универзитетот СВ. Кирил и Методиј, основач сум на Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека, надворешен член на Македонската академија на науки и уметностите и почесен професор на Универзитетот во Риека Имам објавено 41 книга, од кои триесетина се поврзани со македонистиката.
Основач сум на симпозиумот на хрватско-македонските јазични, книжевни и културни врски, кој резултираше со пет симпозиуми, но и зборници. Во сето ова ја имав поддршката и поддршката од мојата сопруга Бранка Калоѓера, редовен професор по американски студии на Филозофскиот факултет во Риека, која одржа серија предавања и објави неколку текстови за врските меѓу Македонците и нивното иселеништво во светот.
Јас, како и секој човек, ги знам своите граници и досег. Моите се при крајот и затоа сакам со добивањето државјанство на Македонија да го заокружам мојот научен циклус како македонист. Со македонскиот народ сум од 1980 година до денес. И во добро и во зло. Моја желба е тој циклус да го завршам со добивање државјанство, за мене и за мојата сопруга Бранка. Е, сега, му се обраќам на македонскиот народ, ако ме поддржувате, кренете палец за мене нагоре, а ако не, тогаш палец удолу.
Во зависност од вашите реакции, ќе ги преземам следните чекори. Во овие 40 и повеќе години многу македонски пријатели ми рекоа дека тоа требало да се случи одамна, без јас да барам. Е сега јас барам. Па да видиме како дише народот, а како овие што владеат.





