„… мандатарот Христијан Мицкоски е изложен на жестоки критики од ослабената опозиција и од оној мал дел од јавноста што безрезервно ја поддржува… тој нема спокојство ни сега, кога новата влада сè уште не е изгласана“, пишува Героски во колумна насловена „Една жешка вечер, Заев и Таче на сон виделе 88 пратеници со раце кренати „за“ – после се разбудиле и сфатиле дека се Мицкови“, за Плусинфо.
Героски вели дека нормално е тоа што новата влада, дури и неоформена, веќе е мета на критики.
„Она што не е нормално е што во жестината засега предничат заговорниците на т.н. „критика на сè постоечко“ (ја користам оваа Марксова фраза за да ѝ дадам некаков прифатлив контекст на критиката што доаѓа од кампот на Левица) и радикализираните социјалдемократи, кои вака нереформирани и оставени без компас, едноставно не знаат каде тераат“, вели новинарот.
Таквата критика, за жал, ги рециклира старите наративи од периодот пред изборите.
Да се потсетиме што се зборуваше за ВМРО-ДПМНЕ пред изборите:
-Партијата предводена од Мицкоски прво треба да се реформира и да се огради од Никола Груевски.
-Партијата нема изборна програма.
-Партијата е националистичка и шовинистичка.
-Ако победи на изборите, Мицкоски нема да најде албанска партија за партнер.
-Партијата нема коалициски капацитет.
-Партијата е и ќе биде меѓународно изолирана.
„И?Што се случи пред, за време и после изборите? – прашува Героски и меѓу другото забележува:
„Се покажа неточно, дури и комично, предвидувањето дека по победата на изборите, ВМРО-ДПМНЕ нема да пронајде коалициски партнер во албанскиот политички блок. Основните принципи на партнерството со коалицијата Влен, Мицкоски ги втемели уште пред изборите.
И навистина беше чудно што т.н. политички аналитичари, дури и оние кои се продаваат за политички бабаванги, не успеаја тоа да го видат. Да биде уште посмешно, токму ДУИ на Али Ахмети челични опинци обул и ја симнал својата „цена“ до ниво на невидено понижување, за некако да влезе во владата на Мицкоски.
Како ли се чувствуваат сега тие некадарници што велеа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да пронајде албански партнер за да ја сподели власта?
Им растат ли уште носевите на лажговците кои ја убедуваа јавноста дека Мицкоски ќе се пазари непринципиелно и дека ќе го отфрли својот договор со Влен?
ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше висок коалициски капацитет, до степен што новото владејачко мнозинство во парламентот се приближи до двотретинско. За таа цел, Мицкоски ја прошири политичката основа на владејачката коалиција со трет партнер, партијата ЗНАМ. Тоа на новата влада ќе ѝ овозможи стабилно владеење, што е предуслов за форсирање реформска агенда“.
(…)
Критики ќе има, вели Героски но „Сума сумарум, критиките на сметка на досегашните потези на победничката ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Мицкоски, засега се сведуваат на промоција на површни тези, на многу врева и на една голема жал за изгубената власт, за изгубените позиции и за изгубените привилегии.
Наспроти тоа, се чини дека Христијан Мицкоски засега гази сигурно, самоуверено и спокојно. Остава впечаток на човек кој има јасен план и има моќ, знаење и вештина да го спроведе тој план….“
Целата колумна на следниот ЛИНК






