Героски до Заев: Со кого садиш тикви, такви ќе ти никнат

Што бараат малоумници и бесчесници на брифинг во Владата? Зошто Крамарска е вработена во Министерството за одбрана? И новата влада започна да поддржува и факторизира куртон медиуми и уредници!



Новинарот Бранко Героски во напад на гнев на својот портал Плусинфо во колумна жестоко го напдна премиерот Заев и пи-ар службата на Владата за како што тврди „целосно промашени политики“ во односот кон новинарите, кои самиот ги дели на „подобни“ и „куртони“.

„Пред неколку дена, пи-ар службата на Владата организираше средба на „група уредници на највлијателните медиуми“ (така ми беше кажано кога бев поканет) со премиерот Зоран Заев, на која требаше и се разговараше за најважното политичко прашање во овој момент, спорот со Грција. Бев изненаден кога сфатив дека списокот на „највлијателните“ се проширил на триесеттина новинари и уредници. Но, изненадувањето премина во вистински шок, кога забележав дека меѓу „водечките“ уредници е и еден малоумник, кој со години води пара-медиум што служи за јавно пичкарање на луѓе кои не му се по волја и за рекетирање на фирми и поединци, како и една дама која со години беше на чело на портал (спонзориран од Американците!), со задача постојано да ја напаѓа тогашната опозиција, да шири лажни вести и говор на омраза“ – пишува Героски.

Тој се прашува зошто на средбата не дошле (не биле повикани?) неколку врвни уредници и новинари, кои очекувал да ги види на маса.

Потоа ја советува пи-ар службата на Владата дека, доколку сакала да направи некаков „баланс“, тогаш важните информации требало да ги сподели и со поранешните провладини медиуми.

Прашува зошто не биле поканети Драган Павловиќ Латас, Миленко Неделковски, Мирка Велиновска и некои други „тешкаши“, „а не сите нас да нѐ резили да се дружиме со малоумници и со опскурни личности во нашата фела!“

За Героски уште поголема, непростива грешка е ангажирањето на поранешната уредничка на „Утрински весник“ Соња Крамрска, во Министерството за одбрана.

„Колегите од „Утрински“ Крамарска ја паметат како фигура која одигра клучна улога во уривањето на имиџот на весникот, кој некогаш важеше за благо критички настроен кон власта, за потоа, под нејзино водство, да стане маша на фамилијата. За тоа слушнавме и директни сведоштва во „бомбите“ на Заев. И наместо да реагира на острите реакции на социјалните мрежи и да ја поправи својата грешка, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на телевизијата 24 Вести срамно и упорно ја бранеше Крамарска, ставајќи ги сите новинари во ист кош – оние кои одлучно се бореа и се жртвуваа меѓу другото и за тоа Заев и Шеќеринска да дојдат на власт заедно со оние кои истураа отрови кон тогашната опозиција и верно им служеа на Груевски, Мијалков и на другите“ констатира Героски.

Во своето писание тој директно му се обраќа на премиерот ословувајќи го со „другар Заев“. Објавува дека со премиерот не разговарале тет-а-тет од пред локалните избори и констатира дека по сѐ изгледа, веќе нема ни да разговарааат, па затоа морал да му се обрати јавно преку медиумите што ги уредува.

„Значи, морам јавно да ти кажам дека ова однесување на твоите најблиски соработници кон медиумите и кон новинарите е скандалозно. Извини, ама ова веќе не се обични гафови, туку систем на факторизирање на вашите стари послушници и апологети (за време на режимот таквите ги викавме „куртони“, нели) и на прекоманда на старите вмровски новинарски маши на нови задачи. Не сфаќам каков ќар имаш ти, другар Заев, од оваа идиотска операција и во што те убедиле луѓето кои во твое име и за твоја сметка го креираат овој однос кон новинарите и кон медиумите, ама ти мора час поскоро да сфатиш дека ова е јебитачно, ова е одвратно, ова е шокантно, ова е интергалактички штетно. Послушај го ти советот на едно „старо дртало“ со „Алцхајмер“ и размисли добро со кого садиш краставици. Оти, ја знаеш народната – со кого садиш, такви ќе ти никнат!“ – заклучува Героски.