Во време на зголемена тензија со Русија германските власти објавија дека попишуваат бункери и засолништа за населението во случај на напад и додадоа дека сакаат да го зголемат нивниот број.
„Сите згради, вклучувајќи го и приватниот имот, кои би можеле да послужат како засолништа, како што се подруми, гаражи и станици на подземната железница, се попишуваат“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи за време на редовната прес-конференција во Берлин.
Тој додаде дека ќе биде креиран дигитален список со сите бункери за луѓето брзо да ги најдат користејќи ги своите мобилни телефони.
Граѓаните ќе бидат охрабрени да градат засолништа во своите домови, со пренамена на подруми или гаражи.
Германскиот дневен весник „Билд“ го опиша планот како „бункер офанзива“ во земја која сè повеќе е загрижена за потенцијалната руска закана.
Тековниот попис „ќе потрае некое време“, рече портпаролот.
Клучните точки од програмата за развој на засолништата беа утврдени на состанокот на високи претставници во јуни.
Германија, која има 83 милиони жители, има 579 бункери, главно од Втората светска војна и од Студената војна, во кои можат да се сместат 480.000 луѓе.
Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, германските власти ја суспендираа продажбата на утврдувањата во државна сопственост. Државата и нејзините администрации продале повеќе од 300 бункери по 2005 година.
Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин им се закани на западните земји во врска со војната во Украина, меѓу кои најзагрижени се членките на НАТО блиску до Русија, како што се балтичките земји, Полска и Германија.
Покрај тоа, Русија минатата недела истрела балистичка ракета со среден дострел (до 5.500 километри) кон Украина, која може да носи и нуклеарни боеви глави.






