Германија оди на гласање – Шолц го смени министерот за финансии, владината коалиција без мнозинство!

Германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, по што ѝ се обрати на јавноста, најавувајќи дека на 15 јануари ќе се гласа за доверба на Владата, при што се очекува мнозинството пратеници да бидат против продолжување на нејзиниот мандат.



ФДП најверојатно нема да даде поддршка за Владата откако Шолц го разреши нејзиниот претседател, оставајќи ја Владата со 324 пратеници, 44 помалку од потребното мнозинство. Тоа ќе го отвори патот за предвремени избори во март, на кои се очекува ЦДУ да направи голем камбек.

Според сегашните анкети, партијата предводена од поранешната канцеларка Ангела Меркел во моментов има поддршка од 32 проценти низ Германија. Зад неа се екстремните десничари од АФД, кои имаат 18 отсто поддршка, а СПД на Шолц е на третото место со 16 отсто.

Анкетите покажуваат и дека партиите на Зелените (10 отсто) и БСВ (8 отсто) ќе влезат во Парламентот, а ФДП (4 проценти) и Левица (3 проценти) ќе останат под прагот.

Шолц го обвини лидерот на ФДП, партијата која заедно со СПД и Зелените ја формираат владејачката „семафорска коалиција“, за опструкции во преговорите за буџетот, велејќи дека ја ставил својата партија пред државата.