Германија избира: Дали екстремната AfD може да изненади?

Германските гласачи денеска излегуваат на општите избори на кои конзервативците се фаворити по кампањата потресена од зајакнувањето на екстремната десница и драматичното враќање на американскиот претседател Доналд Трамп.



Повеќе од 59 милиони Германци имаат право на глас.

Првите проценки врз основа на излезните анкети се очекуваат по затворањето на гласачките места во 18 часот.

Веројатно новиот канцелар Фридрих Мерц вети силно свртување надесно доколку биде избран со цел да ги врати гласачите од екстремно десничарската антиимиграциска Алтернатива за Германија (AfD), која очекува рекордна излезност по серијата смртоносни напади за кои се обвинуваат барателите на азил.

Клучното гласање во најголемата економија на Европската унија доаѓа во време на тектонски пресврт во американско-европските односи предизвикани од директниот апел на Трамп до рускиот претседател Владимир Путин, заобиколувајќи ја Европа, да стави крај на војната во Украина.

Низ Европа, сојузниците на НАТО се загрижени за иднината на алијансата, никаде повеќе како во Германија, која напредуваше под безбедносниот чадор предводен од САД.

Сепак, може да бидат потребни многу недели за Мерц да се договори за коалициска влада, што ќе доведе до дополнителна политичка парализа во Берлин во таков тензичен период.

Во необичен развој на настаните во услови на поларизирана кампања, AfD уживаше поддршка од окружувањето на Трамп, при што милијардерот Илон Маск ја поздрави како единствената партија што ја „спасува Германија“.

Ако ја преземе функцијата од канцеларот Олаф Шолц од левиот центар, како што нашироко се предвидуваше со оглед на резултатите од анкетата, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридирих Мерц вети „силен глас“ во Европа.

Мерц на неговиот последен предизборен митинг на ЦДУ/ЦСУ во саботата во Минхен рече дека Европа мора да има самодоверба за да „седне на чело на масата“ на светските сили.

Уверен, 69-годишниот поранешен адвокат им рече на поддржувачите: „Ќе победиме на изборите и тогаш ќе заврши кошмарот на оваа влада“.

„Во Германија повеќе нема левичарско мнозинство и левичарска политика“, рече Мерц , ветувајќи дека ќе ги заостри граничните контроли и ќе го оживее германскиот идентитет.