„Албанија и Косово се мешаат постојано во политичкиот живот на Албанците во Македонија и предизвикуваат длабоки поделби меѓу нив. Наместо да бидат мост на единство и извор на институционална поддршка, Тирана и Приштина често се позиционираа како страни, кои фаворизираат одредени групи на штета на целокупното единство. Кога Албанците не се едно, македонската страна е победник и сите ние сме губитници.“ – наведува Астрит Гаши, новинар од Косово и основач и директор на тамошниот весник „Блиц“, во својата колумна со наслов „Тирана и Приштина го делат албанскиот политички чинител во Македонија“,
Во колумната, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од Скопје, Гаши пишува: Во време кога Македонија се подготвува за локални избори наесен, а балканскиот регион доживува нова политичка динамика, албанскиот чинител во оваа земја продолжува да страда од хронична болест на длабока политичка поделеност и немање каков било комуникациски мост меѓу албанските актери. Наместо да функционираат како столб на стабилноста преку подигање на нивото на застапеност во државните институции, албанските партии се повеќе ги застапуваат личните интереси, краткорочните калкулации и надворешните влијанија, кои ја заменија националната одговорност со борба за моќ и политичко преживување.
Еден од највидливите чинители, што придонесе за влошување на оваа фрагментација, е постојаното и поделувачко мешање на Албанија и Косово во политичкиот живот на Албанците во Македонија. Наместо да бидат мост на единство и извор на институционална поддршка, Тирана и Приштина често се позиционираа како страни, кои фаворизираат одредени групи на штета на целокупното единство. Политиката на Тирана и Приштина не беше сеопфатна, ниту принципиелна, туку селективна, клиентелистичка и насочена кон краткорочни политички, или лични придобивки. Тирана и Приштина го делат албанскиот политички фактор во Македонија.
Ваквото однесување не само што е неодговорно, туку е во директна спротивност со Уставот на Република Албанија. Неговиот член 8 е јасен: „Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници; помага во зачувувањето на националниот идентитет и врските со националното наследство; им помага на сонародниците во потребите и го поддржува нивниот демократски, економски и културен развој.“ Оваа уставна одредба не е само церемонијална формулација, туку е морална, институционална и историска обврска за секоја албанска влада која, се стреми да биде претставник на националните интереси, а не маќеа на интересите на политичките групи. Официјална Тирана се претвори во актер на поделби и фаворизирање, преку поддршка на поединци или партии без широк легитимитет, преку еднострани интервенции, па дури и сомнително финансирање, игнорирајќи ја потребата од искрено и сеопфатно, вклучувачко посредување.
Оваа еднострана улога значително придонесе за деградација на албанската политичка сцена во Македонија и значително ја ослабна застапеноста на Албанците во институционалниот и државниот живот на оваа земја, каде Албанците сочинуваат повеќе од 30 проценти од населението. Последиците се опипливи и болни, што може да резултира со губење на општините со албанско мнозинство, слаба и симболична застапеност во владата и исклучување од клучните политички и уставни процеси. Политичката фрагментација не е последица на некаков идеолошки судир или програмски натпревар, туку е производ на непрестајна борба за лична моќ и клиентелистичка контрола, која произведе политичка класа, со децении делегитимирана и исклучена од реалноста на албанските граѓани.
Еден од најсериозните симптоми на оваа политичкo пропаѓање е злоупотребата на патриотизмот како средство за избегнување одговорност. Секогаш кога албанските лидери се соочуваат со обвинувања за лошо владеење, корупција или стратегиски неуспех, тие се засолнуваат зад албанското знаме, ги користат националните симболи како превез, за да ја прикријат својата неспособност и да ги инструментализираат чувствата на граѓаните, со цел да затворат секоја критичка расправа. Ова не е патриотизам, туку емотивна манипулација што ја сквернави идејата за национално претставување и ја претвора во штит за корумпирани и промашени политичари.
Решението не може едноставно да дојде од површен договор меѓу постојните страни. Потребна е заедничка албанска платформа, изградена врз демократски принципи, еднаква застапеност и јавна одговорност. Улогата на Тирана и Приштина треба да биде гарант за рамноправност и соработка меѓу Албанците во Македонија, а не интервент, кој фаворизира една страна против друга. Потребно е и интелектуалците, професионалците и албанската младина да се вклучат во овој процес, да се градат мостови на комуникација, а не ѕидови на поделба.
Во реалноста каде што институциите се полни со членови на семејствата на властодршците, а народот се задоволува со знамиња на говорницата, време е за радикална промена. Албанскиот политички чинител во Македонија веќе го нема луксузот да биде поделен. Ако Албанија и Косово сакаат да останат во колективната свест како држави-мајки, а не како маќеи на мали интереси, тогаш мора да ја разбудат својата политичка совест и да постапат според нивните уставни, историски и национални обврски. Нека излезат да видат како живеат Албанците таму, а не уште повеќе да ги делат. Затоа што кога Албанците не се едно, македонската страна е победник и сите ние сме губитници. На кого им служат? Не на Албанците!?






