Гаши: ДУИ се обидува да дестабилизира – албанскиот јазик е изговор

По повод најновите потези од страна на ДУИ пред седницата на Уставен суд за Законот за јазиците, се огласи и претседателот на Собранието Африм Гаши.



„Обидите за дестабилизација, кои доаѓаат од очајната албанска опозиција, додека како изговор ја имаат темата за албанскиот јазик, се неуспешни напори и соништа на политичари кои во отсуство на политичка понуда и бегање од одговорност, бараат спас во дестабилизација, создавање на граѓанско незадоволство и влошување на меѓуетничките односи.

Ова е причина да ги повикувам сите граѓани да не бидат жртви на овие обиди. Ова парламентарно мнозинство и оваа влада обезбедиле стабилност на меѓуетничките односи. Ние нема да дозволиме никој да го наруши тоа со што се гордееме како општество и како држава-меѓуетничката кохезија. Ние сме посветени чувари на мирот и соживотот, па затоа граѓаните немаат никаква причина за вознемирување“, напиша Гаши.