„Неодамнешните јавни закани на одредени лица од Европскиот фронт се повеќе одраз на нивната вознемиреност, откако станаа опозиција, а не како субјект, кој има потенцијал да ја дестабилизира земјата. Нивните изјави се водени од стравот на губење на влијанието, а не од пресметан потег за предизвикување нестабилност.“ – нагласи претседателот на Собранието на Република Македонија Африм Гаши во интервјуто за неделникот „Фокус“ запрашан во врска со изјавата на премиерот Мицкоски дека ДУИ наесен подготвува дестабилизација на државата, со цел да го заштити капиталот стекнат во изминатите 20 години на власт.
Натаму Гаши истакнува: Откако ќе завршат со таа реторика, очекувам ќе ја насочат својата енергија кон конструктивно работење во опозиција и фокусирање на внатрепартиски реформи. Од клучно значење е сите политички актери да се однесуваат одговорно, особено имајќи предвид дека сме земја-членка на НАТО и дека како таква треба да се однесуваме. ДУИ во моментов се соочува со значајни предизвици, особено со опасноста да изгуби дел од своето членство и способноста ефикасно да функционира внатре во коалицијата Европски фронт. Знаците на внатрешен раздор се веќе видливи и е само прашање на време кога овие поделби ќе се продлабочат.
Фокус: Претпоставката е дека ДУИ ќе поттикне протести, со цел да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да ве смени со нив во власт, или да се обиде да мобилизира колку е можно поголема поддршка во пресрет на следните локални избори. Дали овие избори следната година ќе бидат второто полувреме од битката меѓу ДУИ и Вреди и каков резултат очекувате?
Гаши: Улогата на опозицијата е да дејствува како конструктивен коректор на владините политики, а не да ја дестабилизира државата. Ако ДУИ продолжи по досегашниот пат, тие најверојатно ќе претрпат значителен пораз на следните локални избори. Како коалиција Вреди уверени сме во исходот од претстојните локални избори. Ние како противкандидати го сметаме Фронтот, чија агенда не е насочена кон подобрување на животот на граѓаните, туку на создавање тензии. Затоа, кога ги имаме предвид очекувањата на граѓаните од нас, резултатот е веќе очигледен и лесно предвидлив.
Фокус: Вие бевте еден од лидерите на коалицијата Вреди, која стана дел од владата по парламентарните избори. Меѓутоа, ДУИ постојано тврди дека го немате легитимитетот да ги претставувате Албанците и најавија дека ќе изготват платформа за заштита на легитимитетот, што подразбира нормативно уредување на т.н. правило „победник со победник“. Како гледате на тоа?
Гаши: Прашањето за легитимноста е тема на разговор веќе извесно време, а се споделуваат различни перспективи, како од домашни аналитичари, така и од нашите меѓународни партнери. За Мајскиот договор и неговите последици се расправаше детално. Нашата сегашна коалиција е формирана преку демократски процес, која во себе ги има вградено двете битни состојки на претставување, легалност и легитимитет. Ние остануваме посветени на почитувањето на принципите на тој процес.





