Секојдневно сме сведоци на консумација на голема количина на газирани пијалаци кои освежуваат и засладуваат, а во голем број средини се и неизоставен дел од секој оброк, седенка, прослава. Околу нивниот вкус е беспредметно да се расправа, за скапите рекламни кампањи останува само да се шокираме, но за евентуалната штетност, добро е да се знае.
Газираните сокови и нивното влијание на човечкиот организам
Прекумерната употреба на некои газирани производи може да биде сериозна и да предизвика последици во работата на организмот.
Газираните сокови можат да бидат особено штетни доколку се консумираат во огромни количества, но пиењето во умерени количества е корисно. Сепак, ова важи не само за газираните сокови, туку и за многу други производи што секојдневно ги употребуваме.
Газираните сокови содржат јаглерод диоксид во растворена форма и јаглеродна киселина што може да го намали калциумот во коските. Воедно, во газираните сокови се користи и фосфорната киселина за да се стабилизира пијалакот. Но, и таа може да предизвика намалување на нивото на калциумот во коските.
Шеќерот, растворен во течноста, многу брзо се пренесува низ крвотокот, при што може да предизвика прекумерна работа на панкреасот. Бидејќи панкреасот „не знае“ дека ова е само една доза, за да го заштити организмот од прекумерниот шеќер во крвта, произведува многу инсулин наеднаш.
Во т.н. „кола“ газирани сокови се додава и кофеинот. Кофеинот е познат како благ стимуланс што има способност да ја забрза работата на срцето и на нервниот систем. Стимулирањето на нервниот систем може да предизвика нарушување на сонот. Од друга страна, кофеинот предизвикува чувство на зависност, поради што потребно е да се внимава на количеството испиени газирани сокови, во текот на денот.

Интересни факти за газираните сокови
Околу 41% од децата на возраст од 2 до 11 години консумираат најмалку еден газиран сок секој ден. Дури 62% од адолесцентите консумираат најмалку еден газиран пијалак дневно.
Речиси половина од дополнителните калории во нашата исхрана доаѓаат од газираните сокови.
При производството на газирани сокови, јаглерод диоксидот се „втерува“ во сокот под голем притисок од 8 MPa.
Звукот што се слуша при отворањето на сокот е од милионите јаглерод диоксид молекули што излетуваат од шишето кога сокот доаѓа во допир до воздухот.
Неотвореното шише газиран пијалак нема меурчиња, бидејќи високиот притисок во садот го одржува јаглерод диоксидот растворен во течноста. Кога ќе се отвори шишето, се намалува притисокот и почнува да се прави пена – меурчињата излегуваат од течноста и се креваат на површината. Кога гасовите излегуваат од течноста тие одземаат топлина од неа, со што ја ладат и затоа газираните пијалаци се особено освежителни.





