Врховен в четврток ќе одржи нова јавна седница за притворот на таткото на Вања

Во Врховниот суд в четврток повторно ќе се одржи јавна седница во врска со притворот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, кој е осомничен за вмешаност во грабнувањето на девојчето.



Јавната седница, како што соопштија денеска од Врховен, е на барање на осомничениот Ѓорчевски, а изјавена преку неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Тој во изјава за „360 степени“ рече дека Апелацискиот суд Скопје на 2 април по службена должност го продолжил притворот на Ѓорчевски за нови 30 дена, по што тој го искористил рокот од 48 часа да поднесе жалба на одлуката на Апелација до највисокиот суд во државата, што му го овозможува Законот за кривична постапка.

Инаку, јавната седница во Врховниот суд, како што ни изјави тој, првично била закажана за денеска, но била одложена за в четврток.

Инаку, ова ќе биде втора јавна седница во највисокиот суд во државата во врска со продолжувањето на притворот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска.