„Пред да реагираме инстинктивно и со емоции правилно е да се постави дилемата: зошто до денес нема ниеден вработен Албанец во Академијата на науките и уметностите на Македонија (МАНУ), клучна институција за наука во државата? Зошто Албанците, втората најзначајна заедница во * Македонија, се исклучени од оваа институција, која треба да ги претставува и да ги поддржува сите етнички и културни групи во земјата?“ – истакнува коалицијата Вреди во својата најнова реакција, која ја пренесува информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Во реакцијата натаму се наведува: Коалицијата Вреди сака да стави до знаење дека на Академијата на Албанците за наука и уметност во * Македонија не треба да се гледа како на опозиција, или паралелност кон Македонската академија на науки и уметности. Напротив, оваа иницијатива ја гледаме како можност за соработка и содејство меѓу двете академии, поттикнување на размена на идеи и искуства, придонесувајќи за унапредување на науката и уметноста на национално и меѓународно рамниште. Основањето на Академијата на Албанците за наука и уметност претставува важен чекор кон унапредување на албанската наука, уметност и култура во * Македонија. Оваа институција ќе служи како академски и културен центар, кој има за цел да ги промовира и да ги развива знаењето и креативноста на албанскиот јазик и традиција. Со тоа ќе придонесе за збогатување на мултикултурниот мозаик на нашата земја.
На оние, што ја нарекуваат Албанската академија ‘квази-академија’ им велиме: Ставете ја главата во некоја дупка и не излегувајте во наредните 20 години, бидејќи ги уништивте албанското образование и култура. ДУИ со спротивставувањето на оваа иницијатива уште еднаш докажува дека е на иста страна со ВМРО-ДПМНЕ кога се во прашање албанските национални проекти. Коалицијата Вреди повикува да се поддржи оваа благородна иницијатива и да се ангажираме во конструктивен дијалог, за да се осигура дека овој проект ќе се спроведува успешно и оти ќе донесува придобивки за сите граѓани на * Македонија. „Убедени сме дека само преку соработка и разбирање можеме да изградиме посветла заедничка иднина.“ – се подвлекува на крајот на ова соопштение на коалицијата Вреди.





