„Синоќешната конструктивност го омекна радикалниот говор на ДУИ. Добро е што еден дел од ДУИ во врска со прашањето за реорганизација на министерствата покажа дека може да биде конструктивна опозиција.“ – истакнува коалицијата Вреди во своето соопштение по вчерашното изгласување на законот за реорганизација на Владата. Соопштението на Вреди го пренесе ТВ Алсат.
ТВ Алсат пренесува: „По бојкотот на гласањето за Африм Гаши заедно со партијата Левица, ова е мал чекор кон прифаќање на реалноста. Законот за правична застапеност на етничките заедници во органите на државната управа е дел од коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, кој ќе содржи механизми што ќе го заменат балансерот во разумен рок.“ – велат од Вреди.
Тие додаваат дека формирањето на ад хок собраниската комисија, со која претседава пратеник од опозицијата, е добар чекор за зајакнување на контролата на законодавната власт над извршната власт.
„Вреди изразува задоволство, што нашите апели до некои пратеници на ДУИ дадоа резултат. Ниедна лична кариера не е поважна од безбедната иднина на Албанците во ЕУ. Новата организација на Владата ќе овозможи поголем степен на ефикасност во реализацијата на заедничките програмски цели, што е во интерес на сите граѓани на * Македонија.“ – нагласува коалицијата Вреди во своето соопштение.





