Фари Хисени од албанската опозициска коалиција „Вреди“ изјави на денешната прес-конференција дека Насер Зибери, поранешниот кандидат на ДУИ за прв албански премиер, ги демантираше тезите на ДУИ и Али Ахмети и оти го исфрли на површина лицемерието на Ахмети. Ова го објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат пишува: „Насер Зибери беше многу јасен, велејќи дека првиот албански премиер, наместо 100 дена оваа функција требало да ја врши најмалку две години, бидејќи 100-те дена, како што тврди обединетата албанска опозиција, служат само за техничките прашања. Всушност, 100-дневниот премиер е лицемерие и измама, која се обидуваат да им ја сервираат на Албанците.“ – рече Фари Хисени од „Вреди“.
Тој ги постави и следните прашања: „Дали двегодишниот мандат на албанскиот премиер беше разменет и продаден за милионите од скандалот „Соравија“ – трговскиот центар во срцето на Скопје, купен од 25-годишниот внук на Али Ахмети за 30 милиони евра? Дали првиот албански премиер беше продаден за валканите милиони од бизнисот со казината, што го реализира Артан Груби преку својата Лотарија со српското и бугарското подземје?“
Фари Хисени од албанската опозициска коалиција „Вреди“, натаму, изнесе став и дека „Ахмети е свесен оти го чека пораз, па реши да го жртвува Бујар Османи како претседателски кандидат“. Како што додаде тој, „ДУИ се претворила во партија-поддржувач на Москва и на Белград“, потсетувајќи на доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на самитот на ОБСЕ во Скопје.
„До денес никој не може да го заборави приемот на десната рака на Владимир Путин, Сергеј Лавров во Скопје од страна на Бујар Османи. ДУИ од партија на војната се претвори во партнер на Москва и Белград. Дури и Али Ахмети е свесен дека лошо ќе загуби. Затоа реши да го жртвува Бујар Османи.“ – посочи Хисени на денешната прес-конференција.





