Волкановски: Им покажувам на децата за што си способен кога ќе те отпишат

Александар “Велики“ Волкановски, кој со вчерашната победа над Бразилецот Диего Лопес си го врати шампионскиот појас во ултимејтфајт во перолесна категорија на 36 години, на прес-конференцијата по борбата во Мајами ја откри својата мисла-водилка пред и за време на мечот со кој испиша историја.



„Денеска, додека шетав наоколу, им ветив на моите девојки дека ќе го вратам појасот. Не станува збор за враќање на појасот, иако дури и кажав дека ќе одам по него. Станува збор за (себе)надминување. Знаете за оние два пораза, за паузата што ја имав, знаете дека многу луѓе ќе мислат дека сум готов. Имам 36 години. Што е уште поважно… знаете, им покажувам на моите деца за што би можел да бидеш способен кога луѓето ќе те отпишат“, објасни Австралиецот со македонско потекло.

Пред мечот со Лопес, кој од првиот ред до осумаголниот кафез го гледаа американскиот претседател Доналд Трамп и „половина“ функционери од неговата администрација, малкумина веруваа дека Волкановски може да стане првиот ултимејтфајтер постар од 35 години што си ја вратил светската круна во перолесна категорија.

Недовербата се должеше не само на неговата возраст и на 14-месечната пауза, туку и на поразите од Ислам Махачев и од Илија Топурија со нокаут во двата последни меча. Но, гордоста на македонската заедница на австралискиот континент имаше мисија пред ќерките Аријана, Арли и Рајн (со сопругата Ема очекуваат и четврта) – и ја исполни.

На средбата со новинарите Волкановски откри и дека при претрпениот нокдаун во втората рунда, кога доби силен удар во главата, обневидел на едното око! Видот постепено почнал да му се враќа, но до крајот на борбата гледал заматено на тоа око и, сепак, издржа и на крајот триумфира, давајќи им уште една животна лекција на децата.

На фотографијата под насловот популарниот Волк е со две од ќерките во дресови на фудбалскиот клуб Младост од битолско Беранци, родното село на татко му Тоде.