Примерите на Ирак и Либија го убедија раководството на Северна Кореја дека може да се заштити само со нуклеарно одвраќање, смета рускиот претседател Владимир Путин.
Пјонгјанг нема да се откаже од својата воена програма под притисок на санкции и воени закани, бидејќи примерите на Ирак и Либија го убедија дека нуклеарно заплашување е единствениот веродостоен начин за да ја обезбеди својата безбедност, изјави претседателот Путин денес на маргините на самитот на земмјите на БРИКС во Ксиамен, Кина, пренсе РТ.
Милитантна хистерија во вакви услови е бесмислена и може да доведе до глобална, планетарна катастрофа и огромна загуба на човечки животи. Не постои друг начин за решавање на севернокорејското нуклеарно прашање, освен со мирен дијалог.
Северна Кореја најави дека ќе продолжи со тестови на проектили кои можат да носат нуклеарни глави а еден таков минатата недела прелета дел од територијата на Јапонија што предизвика остра осуда во светот. Не е познато со каков нуклеарен капацитет располага Пјонгјанг, но во изминатите години беа извршени девет нуклеарни проби.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот повика на мудрост и избалансиран пристап кон корејската криза, пренесува „Спутник“.
Лесно е за земјите далеку од Северна Кореја да го користат зборот војна, вели Песков реплицирајќи на контроверзните обвинувања на американскиот амбасадор во ОН, Ники Хејли, според која, режимот на лидерот Ким Јонг-ун со последните потезите „започнува војна“.
Русија ги осудува тестовите на соседна Северна Кореја.





