Во чест на јубилејот – 120 години од раѓањето на великанот на македонската култура Стефан Гајдов expres.mk го објавува трудот на Наташа Диденко научен соработник/доцент во Институтот за национална историја – Скопје за неговото дело.
Во трудот кој зборува за ,,ПОВЕЌЕСТРАНИОТ ИНТЕРЕС НА НАЈСТАРИОТ ПРЕТСТАВНИК НА СОВЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА МУЗИЧКА КУЛТУРА- СТЕФАН ГАЈДОВ”, Диденко открива детали малку или целосно непознати за еден од столбовите на современата македонска музика и култура воопшто.

Во трудот кој го пренесуваме, се прави обид да се претстави повеќестраниот интерес на Стефан Гајдов, кој врз основа на постоечките архивски материјали и литература во историјата на македонската музика е забележан како композитор, педагог, учебникар, диригент и организатор на музичкиот живот во Македонија.
Врз основа на теренските истражувања во градот Велес, Диденко открива сознанија за активностите на Стефан Гајдов како композитор, педагог, учебникар, диригент, архитект.

Во продолжение целиот труд на Диденко:
Во историјата на музиката во Македонија се забележани неколку исклучителни личности, во чие творештво се содржат почетоците, развојот и високите дострели на македонската музичка култура. Меѓу нив се вбројува Стефан Гајдов (Велес, 1905 – 1992, Охрид), најстариот претставник на првата генерација современи македонски музички композитори, диригенти и педагози.
Музичката наобразба, ја започнал на девет годишна возраст, за која самиот истакнува: „мојот прв допир со музиката, беше во мојот дом, кој беше пребогат со свирење, пеење и играње, додека не дојдов до првиот инструмент – на кој ме учеше мојот татко. Он свиреше на многу инструменти, али мене ми се допадна како прв инструмент – мандолината. Брат ми не ми даваше, јас ја крадев мандолината и учев. Мојот прв учител по музика беше Илија Настов“, кај кого ги добил првите познавања од нотното писмо, по што музичката наобразба ја продолжува во Велешката гимназија, каде поради различните политички влијанија, за учител по пеење бил назначен Стеван Шијачки, кој пак дал значаен придонес во развојот на неговото музичко образование и имал влијание врз неговата идна професионална определба.
Во периодот меѓу двете светски војни, кога Вардарскиот дел од Македонија, во чиј состав се наоѓал и градот Велес, припаѓале на тогаш формираното Кралство СХС, како единствен креатор на целокупниот живот на оваа територија (до 1941 година), С.
Гајдов формира мандолински оркестар во Велес (1922 година), за кој самиот вели: „Се собравме другарите, меѓу кои и Живко Фирфов и рече ќе правиме оркестар. Ќе правиме!. Собравме пари, порачавме инструменти и веќе во ноември оркестарот беше организиран. Тој оркестар се викаше „Гром“. Чудно име, ама ете ние бевме млади ентузијасти и сакавме нешто громогласно да биде“. Меѓутоа, оркестарот функционирал на краток период и покрај тоа што бил формиран со цел да и помогне на културно-просветната младина во градот, бидејќи како што самиот истакнува „тука се внесоа мрачни сили, трговачки. Трговци имаше доста кои не растурија, мислеа дека сме комунисти сите“. Според неговиот исказ можеме да констатираме дека тој иако не бил симпатизер на некоја од тогашните политички организации, сепак поради политичките настани од тој период (победата на Комунистичката партија во Велес на првите општински избори (22 август 1920) и нејзиното дејствување до прогласувањето на Обзнаната (29 спроти 30 декември 1920 година), како и „Законот за заштита на државата“ (август 1921 година), со кој се предвидувала забрана на дејноста на КПЈ, синдикатите и на сите други организации, односно на целокупниот јавен живот на партијата), бил поврзуван со оние културно-просветни друштва кои во себе содржеле музички, драмски и спортски секции со политичка затскриена цел.
Потоа, како што и самиот вели: „се припоив до културно-уметничкото друштво „Горски“ кое имаше спорт(ска) и оркестар(ска) (секција), и таму ги учев сите индивидуално да свират на разни инструменти. Со нив останав до август 1926 година. Меѓу членовите на друштвото беше и Кочо Рацин, (со) кој ме сврзува другарство уште од нашето маало, бидејќи заедно сме живееле горе и растевме заедно додека не се разделивме“.

За друштвото, во декември 1923 година, го искомпонирал неговото прво музичко дело за мандолински оркестар наречено „Валцер“, а истовремено како што истакнува „ги водев претставите во киното, бидејќи тогаш немаше тон-филм. Претставите се водеа со свирење на инструменти. Јас свирев клавир и пратев, имитирав да народот се забават, да гледаат слики и нешто некаква музика слушаат“.
Во 1926 година започнува пресвртот во животот на С. Гајдов, откако се запишал на Mузичката школа во Белград (денес „Музичка школа Мокрањац“). Според искажувањата на Јелица Тодорчевска „Гајдов уште на првиот конкурс е примен во наставно-теоретскиот отсек. Студиите ги завршил со висок успех, за три години наместо за четири (1926-1929)“, во класата на д-р Милоје Милојевиќ, Коста Манојловиќ, Јосип Штолцер-Славенски и Даница Крстиќ. По завршувањето на наставно-теоретскиот оддел во 1929 година, започнува неговиот напредок на музички план. по што бил примен за член на Здружението на композиторите на Југославија (УЈМА= Удружење Југословенских Музичких Аутора – Белград) и како што истакнува Ј. Тодорчевска е првиот македонец кој бил примен со своите дела во Здружението.

Истата година се вратил во родниот град, каде покрај работата во Велешката гимназија – како наставник по музика, се посветил на неговата композиторска дејност, за која вели: „После моето дипломирање, во Југославија постоеја само три симфониски оркестри, а над 650 хорови. Тоа ми даде повод, дека за симфониските оркестри имаше литература колку сакаш, а хорска литература многу малку. Јас се инспирирав од тоа, слушајќи хорски концерти, како хоровите се мачат со тешки композиции. Почнав да обработувам, да хармонизирам градска песна. Тогаш, во тоа време воопшто не се мислеше на селската песна. Градската песна не беше дирната. Уште никој не ја зафати сем (Стеван) Мокрањац, нешто (Станислав) Бинички, друг не паметам кој, за мое време разбира се. Целта беше што повеќе да хармонизирам народни песни, градски песни, да хоровите имаат што да пеат.“
Во наредните години, давал придонес и за развојот на музичкиот живот во Велес, по што во 1930 година го формира хорот „Јека са Вардара“, со кој раководи до 1932 година. На репертоарот на хорот покрај композициите на српските композитори: С. Мокрањац, К. Манојловиќ, М. Милојевиќ и др., биле вклучени и неговите први композиции, со што се предизвикал револт кај тогашниот градоначалник на Велес и против него биле употребени санкции за протерување од градот. За неговата понатамошната дејност, истакнува: „Бев преместен во јануари месец во Вуковар. Прекрасни години минав во мир и спокојство, нарочно на професионален план. Кога ме повикаа во фабриката „Бата“ во Борово да бидам диригент, јас неможев да се снајдам. Просто, каква чест добив. Многу тешки дела изведував со тој хор по име „Радиша“. Приредувавме концерти насекаде, тогаш имаше такви неколку хорови: во Белград, Загреб, Љубљана, Нови Сад, Сомбор, Суботица, кои беа врв и често пати сме се такмичеле. Една година, мојот хор беше прв, а тоа беше последната 1940 година, пред војната. Тогаш јас во Борово фабриката организирав фестивал и тоа е крајот на мојата кариера во Вуковар“.
За време на престојот во Вуковар, особено бил активен во полето на компонирањето. Во 1932 година ја публикувал првата негова збирка со наслов „Песни од Јужна Србија“ („Песне из Јужне Србије“), во која се застапени следните хорски композиции за мешан хор: „Велешка сватовска“, „Што ми е мило“, „Ајде слушај Анѓо“, „Гора и јунак“, „Момиче мало ѓаволо“ и др., а по три години, односно во 1935 година го публикувал и второто негово дело „Песни во еден, два и во три гласа“ (Песме у један, два и три гласа“), во кое се застапени детски и женски композиции за хор. Кон збирката на детски песни на српскохрватски јазик ги додал следните македонски народни песни, хармонизирани за училишен хор: „Борјанке“, „Садила Тимка босилок“, „Билјана платно белеше“, „Пошла Румена“ и „Синоќ си пројдов“, по што во следната 1936 година, го публикувал второто издание на збирката со сите 27 песни. По престојот во Вуковар, се вратил во Скопје, каде по навлегувањето на бугарската власт во текот на Втората светска војна бил назначен за учител по музика во Женската гимназија, а истовремено бил и раководител на црковниот машки хор во црквата св. Димитрија наречен „Браќа Миладиновци“, кој делувал до 1945 година и служел како врска на борците што заминувале во партизани.
Меѓутоа, неговите организациски и музички способности особено дошле до израз во повоениот период, по создавањето на федерална единица Македонија во рамките на Демократска Федеративна Република Југославија, по што заедно со Живко Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Петре Богданов-Кочко, се вклучил во обновата и развојот на музичкиот живот во Македонија, поставувајќи ги темелите на музичките институции и вршејќи значајни активности како музички педагог, учебникар, композитор и хорски диригент. Во тој контекст, како музички педагог се истакнал во Средната државна музичка школа во Скопје (1945) каде поради недостигот на стручно квалификуван наставнички кадар (генерален проблем во школството во тој период), ги предавал сите стручно-теоретски предмети: солфеж, теорија, хор, хорско диригирање, хармонија, контрапункт, методика на наставата, свирење на партитури и вежби по композиција.
Покрај тоа, во музичката педагогија дал значаен придонес и како учебникар, пишувајќи ги музичките учебници, именувани како „Нотно пеење за III одделение“ (1952); „Нотно пеење за IV одделение“ (1953 и 1957); „Нотно пеење за V одделение“ (1954 и 1958); „Нотно пеење за VI одделение (1953 и 1962); „Нотно пеење за VII одделение“ (1956 и 1973); „Нотно пеење за VIII одделение“ (1957, 1972), како и „Нотно пеење“ за I-ви клас на учителската школа (1957 и 1962); „Нотно пеење“за II клас на учителскaтa школa (1959 и 1962); “Солфеж за Учителските школи (1952 и 1960); „Музичко воспитување за VII одделение (1974, 1982) и „Музичко воспитување за VIII одделение (1974 и 1982). Меѓутоа, треба да се има предвид дека сеуште за недостаток во музичката педагогија, се смета ненапечатениот учебник на С. Гајдов, за кој самиот истакнува: „Едно ми е криво. Јас, пред да се пензионирам 11 години работев на еден нов систем – Како да се почне да секој може да солфежира. Најлесно, од најмалите, до најстарите. За 11 години, анализирајќи ја македонската народна песна, дојдов до сознание дека децата најбрзо го фаќаат тонот доминанта. И дојдов на идеја да напишам учебник да солфежот почнува од „сол“. И ми успеа. Го напишав учебникот, се собраа рецензентите, но тоа дело не се штампаше“.
С. Гајдов, придонесувал и за формирање на аматерските хорови низ градовите во Македонија, а особено во Скопје, каде што имало недостаток на диригенти. Во таа смисла, на 14 јануари 1945 година го основал мешаниот хор на железничарите при ЖКУД „Владо Тасевски“, а истовремено работел и како диригент со други хорови: „Хорот на МРТ“, хорот на просветните работници, универзитетскиот хор „Мирче Ацев“, хорот на Домот на Југословенската народна армија (ЈНА); хорот на гимназијата „Јосип Броз-Тито“, со кој во соработка со Оркестарот на Радио Скопје, на 18 јуни 1945 година имале заеднички настап во Народниот театар во Скопје и др. Меѓутоа, значаен придонес дал и во соработката со Операта на Македонскиот Народен Театар (МНТ), каде благодарение на неговиот труд, за прв пат на македонски јазик била изведена операта „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи ( 9 мај 1947 година).
Покрај тоа, вршел и други должности како Претседател на матичната комисија за формирање на Високата музичка школа, Член на главниот одбор на Сојузот на композиторите на Југославија, Претседател на Друштвото на композитори на Македонија (1950; 1956; 1959-1961), Претседател на Друштвото на фолклористите на Македонија (1956/57), и Претседател на Друштвото на музички педагози на Македонија (1957). Тој, бил и еден од групата иницијатори за создавање на Државната опера на Македонија, каде што бил и именуван за директор во периодот 1951 – 1952 година, а од 1955, па сѐ до неговото пензионирање (1970), бил именуван за директор на Десетгодишното музичко училиште во Скопје.
Како композитор, се истакнува со богат творечкиот опус, составен од бројни композиции за: песни за деца (едногласни, двогласни и трогласни), соло песни (глас и пијано), обработени македонски народни песни за солисти и оркестар (за народен оркестар), дела за пијано, камерна и филмска музика, Меѓутоа, неговото најбројно творештво го сочинуваат хорските композиции (за мешани, женски и машки хорови), во кои тој направил обработка и хармонизација на бројни македонски народни песни, од кои одреден број денес сеуште се наоѓаат на репертоарот на аматерските и професионалните хорови.
Во таа смисла, во продолжение даваме приказ на оние македонските народни песни кои тој ги обработил и хармонизирал за Мешани хорови: „Ајде слушај Анѓо“ (1927), „Петлите пејат“ (1928), „Момиче мало ѓаволче“ (1928), „Милкано моме“ (1934), „Собрале ми се…“ (19340, „Не оди моме крај река“ (1934); „Ти сенче“ (1934), „Мери Томчо“ (1935), „Ајде Каљо“ (1935), „Пиле лета по море“ (1936), „Засвирил Димчо запеал“ (1936), „Поминав в село“ (1936), „Јана иди“ (1936), „Мојата мајка седи и мисли“ (1938), „Бог да бие невестата“ (1938), „Тодоре љубе“ (1928), „Овчар по брег оди“ (1939), „Ожени не мила мамо“ (1939), „Не ми карајте ќерето“ (1940), „Ела си сине у селото“ (1940), „Ејди Недо“ (1940), „Леле Јано (1940), „Млад Илија иде“ (1940), „Играле ергени“ (1940), „Девојче не стои спрема мене“ (1940), „Девојченце, црно ле око“ (1940), „Копачите“ (1946), „За Титов план“ (1948), „Паѓај паѓај“ (1957), „Марш на I Македонска бригада (1961), „Песна за Скопје“ (1967), „Малино моме“ (1968), „Бучат ми силни ветрови“ (1968), „Од сон сладок“ (1969). „Мома седи“ (1969), „Накачив горе“ (1969), „Деј гиди Стојно Попова“ (1969), „Севдалино моме“ (1969), „Мома седи“ (1969), „Приспивна“ (1970), „Садила Тимка Бисилок“ (1971), „Болен ми лежи Ѓуро (1971), „Синоќа си пројдов“ (1971), „Море садило моме“ (1971), „Андон идеод чаршија“ (1971), „Јунак врви“ (1971), „Огрејала месечина“ (1971), „Елегија II“ (1973), „Братство-единство“ (1974), „Слобода“ (1975), „Бучат ми силни ветрови“ (1985), „Малино моме“ (1986) и „Се колнеме“ (1986); за Женски хорови: „Што ми е мило ем драго“ (1941), „Велешки сватови“ (1941), „Ах тиха вечер“ (1941), „Од сон сладок“ (1941). „Гора и јунак“ (1941 и 1942), „Румба, румба се собрале (1942) и „Зададе се“ (1977), и за Машки хорови: „Се запали одајчето“ (1936), „Дренка ми се…“ (1936), „садила тимка“ (1940), „Овчар по брег оди“ (1940), „Изгори мерак“ (1973) и „Ајде слушај Анѓо“ – за мешан хор и тенор (1976).
За неговата дејност и придонес во развојот и ширењето на македонската музичка култура, бил награден со значајни награди: Орден на трудот од III ред од тогашниот Претседател Јосип Броз Тито (1949); Награда на Владата на НРМ – за најдобар диригент (1950); Награда „Стефан Мокрањац“од Сојузот на композиторите на Југославија (СФРЈ), за композицијата „Копачите“ – за мешан хор (1954); Орден на трудот со златен венец (1966); Награда за животно дело „11 октомври“ (1970) и Награда „Св. Климент Охридски“, од комитетот за култура на СРМ, за целокупната дејност на музичкото поле во Македонија (1980). Покрај наградите, во личната архива на С.Гајдов се наоѓаат и многубројни признанија (дипломи, плакети, благодарници, пофалници и др), како знак за неговата голема активност и самопрегор. Денес творештвото на македонскиот музички деец С. Гајдов, живее низ репертоарот на хоровите низ градовите во Македонија.
Архитектонскиот проект на Стефан Гајдов
Стефан Гајдов во нашата историја познат како истакнат македонски композитор, музички педагог, диригент и организатор на музичкиот живот во Македонија, има оставено белег и во полето на архитектурата во градот Велес. За време на студиите на Mузичката школа во Белград, како што и погоре истакнавме, доживува пресврт во неговиот живот. Пред дипломирањето и почетокот на неговата музичка кариера како школуван музичар-теоретичар, тој направил нацрт за куќата на трговецот Лазар Глушков (Велес, 1890 – Велес, 1963), кој имал купено две парцели во Велес од Турците, на кои денес се наоѓаат две куќи, од кои тој ја изградил постарата, по нацртот на С. Гајдов во 1928 година, а новата во позадина е изградена од неговиот син, Ангел Глушков (Велес, 1925 – Велес, 2013 ). Во потрагата по информации за воспоставувањето на соработката помеѓу Л. Глушков и С. Гајдов, дојдовме во контакт со 90 годишната Косара Боцева (сестра на А. Глушков), според чии сеќавања се претпоставува дека Л. Глушков го нарачал нацртот од С. Гајдов откако пуштил абер дека сака да изгради куќа-најубава во градот, а за возврат добил информација дека само тој, може да му проектира такво нешто, со оглед дека во тоа време немало многу архитекти. Меѓутоа, она што дополнително треба да го истражиме е Од каде потекнуваат афинитетите на С. Гајдов за цртање?; Каде имал научено да црта архитектонски проекти?, Каква архитектонска форма применува во нацртот на проектот?, како и да добиеме подетални информации за контактот и соработката помеѓу Л. Глушков и С. Гајдов и Дали направил проекти и за други куќи, за кои не сме запознаени?
Проектот на куќата на Л. Глушков (сл.1), го направил на 28 февруари 1928 година, на кој е потпишан долу во десниот агол како Ст(ефан) М. Гајдов, ст(удент) по музика. Со иницијалот „М“, претпоставуваме дека го претставува името на неговиот татко-Милан, додека со наведувањето „студент по музика“, дава на знаење дека сеуште ги немал завршено студиите (сл. 2) на Музичката школа во Белград (со оглед на тоа дека дипломирал во 1929 година).
Според внуката на Л. Глушков, Весна Крлева-Глушкова, градењето на куќата одело тешко, по што до половина е градена со камен, а од половина со полна тула. За фасадата на куќата, карактеристични се различните украсни елементи, т.е керамички орнаменти, коишто се нарачани и специјално изработени во денес непостоечката фабрика на Лефкови „Вила Зора“, а се застапени под балконот, каде централниот украсен елемент е вграден во фасадата (сл.3); потоа украсниот венец над влезната врата (сл. 4) и ангелите кои читаат од двете страни (сл.5). Од керамика се изработени и држачите на малиот балкон од предната страна, по налик на железнички шини, кои под подот навлегуваат до половина од собата, што зборува за квалитетот на изработката. Во внатрешноста, просториите на куќата од првиот кат првично биле со плафони во висина од 3,20 метри, а на горниот кат од 3,40. Меѓутоа, во интерес за постигнување на некое оптимално енергетско решение за зимата, денес се симнати на 3,00 метри. Вратите на собите се од полно дрво, двокрилни и масивни и сеуште се задржани на првиот кат-автентични (сл.6), а истотака и скалите кои водат до горниот кат се изработени од масивно дрво и силна конструкција.
Куќата на Л. Глушков, кој во повоениот период бил прогласен за „предвоен богаташ“ и „ненароден елемент“, на кој требало имотот да му се одземе и да се национализира, му била запленета околу 1948 година, но не и национализирана, со претпоставка дека власта се смилувала затоа што семејството било многубројно. Наредено им било да ги отстапат просториите на кираџии, луѓе кои општината ги доделувала да живеат во куќата, па така во една просторија живела самохрана мајка со две ќерки, во друга цело мало семејство, во трета капетан на српската војска, кому секое утро му го носеле коњот за да оди на работа, а во останатите простории живееле други луѓе кои биле највероватно социјално загрозени. Затоа, Л. Глушков и неговата сопруга Веселина биле приморани да се симнат и да живеат во подрумските простории и да посведочат како нивниот имот бил раскрчмуван од луѓе кои не ги познавале. Покрај тоа, на сметка на Лазар, биле правени и измени на горниот кат поради потребите на кираџиите, по што се додавани простории и истите се проширувани со кои сериозно се отстапува од првобитниот нацрт.
Куќата, покрај нејзината специфичност и автентична градба, според В. К. Глушкова никогаш не била под закрила на закон за заштита на ваквите градби, никогаш не била вклучена во државни проекти за обнова на фасади, со кои биле обновени фасадите на куќите во центарот на Велес. Таа вели: „При наши неформални и усни обраќања до општинските власти секогаш сме добивале одговор дека општината нема намера да оддели било какви средства за санација на опаднатата фасада која на крајот претставуваше и опасност по слободното движење во дворот. Сепак, секогаш јасно ни беше потенцирано дека доколку сакаме да ја реновираме, немаме право да го менуваме изгледот на фасадата. Одговорно тврдам дека фасадата се обработи со наши лични средства и без ничија помош, а инсистирањето да остане иста беше од моја страна како сопственик кој е емотивно врзан за нејзината специфичност. Со оглед на тоа дека реновирањето е во тек, исто ќе се потрудиме да задржиме максимум од нејзината автентичност во внатрешноста“.
Заклучок:
Врз основа на досегашните сознанија за животот и делата на Стефан Гајдов, можеме да кажеме тој во историјата на македонската музика е забележан како исклучителна личност, кој со својата творечка инвенција и делување дал значаен придонес во почетоците, развојот и високите дострели на македонската музичка култура.
Секако, не треба да заборавиме и на неговата друга-архитектонска дејност, за што доказ претставува проектот за куќата на Л. Глушков, кој денес сеуште се чува врамен во помошната соба/остава на куќата.

Надополнувањата на досегашните сознанија за повеќестраниот интерес и дејност на С. Гајдов се содржани во нашиот основен мотив во насока на поттик за натамошни проучувања и истражувања на архитектонското и уметничкото творештво на С. Гајдов.







