Во Хрватска денеска започнува седумдневен бојкот на малопродажниот синџир „Konzum“, врз основа на анкетата спроведена меѓу граѓаните од платформата „Halo inspektore“ објавена на нејзината фејсбук-станица на 5-ти февруари, пренесуваат хрватските медиуми.
Со одлука на потрошувачите, првиот малопродажен синџир што ќе биде бојкотиран цела седмица – од денеска 8-ми февруари до петок 14-ти февруари, е „Konzum“. Во анкетата се забележани 211.638 гласови од 144.732 гласачи од кои за бојкот на „Konzum“ се изјасниле 31,7 отсто од гласачите, следи малопродажниот синџир „Plodin“ со 29,1 отсто и „Studenac“ со 6,87 отсто.
Во текот на вчерашниот ден стапи на сила и одлуката на хрватската влада за директни мерки за контрола на цените на одредени производи и категории на производи во трговијата на мало, со која е утврден список од 70 производи со ограничени цени, а оваа мерка има цел да помогне во заштитата на граѓаните од високите цени во продавниците.
Претходниот список, кој беше формиран во септември 2023 година, содржеше 30 производи, а сега ги има 70.





