Во салата „Јасмин“ во Кавадарци од денеска се игра завршниот турнир од Купот на Македонија за кошаркари, што секогаш било повод да се загрее, да се вжешти амбиентот во овој спорт во нашава земја.
Годинава причина за такво нешто е и исчекувањето по седум години да видиме нова мега пресметка на најголемите и најуспешни клубови во нашата земја. МЗТ Скопје и Работнички во моментов имаат најдобри и најкомплетни тимови, а се наоѓаат на двата краја од ждрепката и нивна борба за трофејот за два дена, и тоа по шести пат во аналите на нашата кошарка, би била најреална.
Но, ова е куп-натпреварување, а во него секогаш имало изненадувања, па нема да биде чудо еден од споменатите скопски кошаркарски големци да не се најде в недела во мечот за пехарот, па дури таму да ги нема и двата, што до сега се случувало ретко, само пет пати во 25 изданија. Меѓутоа, така беше лани кога во финалната пресметка за Куп-трофејот Карпош соколи го совлада Фени.
Програма за денеска, четвртфинале:
13.00 Работнички – Карпош соколи
15.30 Блокотехна – АВ Охрид
18.00 МЗТ Скопје – Фени индустри
20.30 Куманово – Гостивар
В сабота е полуфиналето, а в недела е финалето.





