Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија, покрај недостиг на пилоти постојат и проблеми со сервисот на Ер тракторите во овој момент се уште нема доволно потпишани договори со тимовите за брз одговор вклучително и со тимовите за гасење на пожар на отворен простор, посочи на денешната прес-конференција Стојанче Ангелов кој е назначен за нов директор на Дирекцијата.
Ангелов откри дека во институцијата се наталожени бројни проблеми и додаде дека токму заради тоа е поставен на функцијата – со цел Дирекцијата конечно да профункционира како што треба.
Во овој момент во државата нема ниту еден функционален „Ер трактор“, но сум оптимист дека набргу ќе ги имаме сите три, заедно со посадите. Се наоѓаат на сервис и очекувам наскоро да бидат вратени – рече Ангелов.
Тој најави и неколку „изненадувања“ што, како што вели, ќе помогнат полесно да се справиме со евентуални пожари ова лето.
– Позитивно е што во ДЗС работат и соодветно образовани, искусни лица, но некои од нив се наоѓаат на места на кои не можат да дадат се од себе. Заедно со оние кои ќе покажат амбиција ќе се обидеме да ги надминеме детектираните слабости со цел побрзо ставање на ДЗС во полна функција. Како директор ќе можам детално одвнатре да ја разгледам институцијата и внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал, дополнително да ги детектирам и многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС во една институција на чие формирање се работи, и е дел од стратешкта заложба на владата за формриање на современ и функционален систем за управување со кризи и заштита и спасување“, изјави Ангелов.






