Во Македонија и тие што сакаат да учат – немаат каде, протест на студентите од „Финки“

„Илинденска“ пред Владата денеска се претвори во амфитеатар, место каде гласно се дискутираше и се „држеше настава“, како протестен перформанс на студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а притоа за поддршка дојдоа и студенти од различни факултети и организации. Присутните порачаа „ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“. Побааа властите да обезбедат соодветни просторни услови и модерен објект за овој факултет, кој со 5.000 студенти е најбројниот во Македонија.



Седнати во столчиња во импровизирана предавална на коловозот, студентите симулираа работилница каде се разгледуваа и „гласаа“ проектни и визуелни решенија за нов објект на ФИНКИ, додека деканатот со професорите ја одржуваа 25-та редовна седница на Наставно-научниот совет. Исто и тие со кренати раце „гласаа“ пред Владата, точка по точка од дневниот ред, за да укажат дека им се потребни соодветни простории за работа.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски рече дека се незадоволни што Владата не донела одлука за кратотрајно решение на проблемите со кои се соочуваат скоро деценија и пол.

  • Факултетот егзистира без сопствен објект повеќе од 13 години, а во минатото на повеќе наврати се направија напори да се надмине проблемот, но, за жал, се’ уште немаме финално решение. Факултетот изминатите две години активно работеше со Владата, беа разгледувани и сугерирани објекти во државна сопственост, или кои не се на државата“, посочи Јакимовски.

Оттука, рече тој, денешниот протест е протест за двете работи. Освен да се подигне свесноста и државата многу поактивно да се заангажира за трајно решение, тука е и барањето да се обезбеди дополнителен простор кој моментално се наоѓа во Техничкиот кампус на УКИМ. Покрај сите барања и преговарања од изминатите години, посочува дека се дојдени да дадат поддршка, да се покаже дека ја перцепираат оваа ситуација како сериозна и конечно да се најде решение.