Пелистер шести пат по ред загуби дома во најголемото македонско фудбалско дерби, а ова беше и седми неуспех со едно реми на Битолчани во последните осум дуели на двата бренда на нашиот спорт под „Тумбе кафе“. Во рамките на 7 коло во Првата македонска лига Вардар успеа да слави во вечното соочување против Пелистер со 0-1, со голот на Дејан Блажевски во 31.минута. Шампионот успеа да искористи една од своите шанси иако не прикажа доминантна игра.
„Секогаш е тешко да се освојат три бода во Битола, особено што знаеме какво е ривалството помеѓу Пелистер и Вардар“ рече тренерот на Вардар, Чеде Јаневски изразувајќи благодарност за приемот и амбиентот.
„Во второто полувреме ние ја диктиравме играта, баравме гол за израмнување, но не успеавме да ја затресеме противничката мрежа“ со жалење сумираше првиот човек на клупата на Пелистер, Срѓан Захариевски.





