ВМРО ДПМНЕ: Сомнително е работењето на МЕПСО под претходното раководство, кое се однесувало расипнички со парите на граѓаните!

„АД МЕПСО расипнички се однесувало со парите на граѓаните и затоа неговото  претходно раководство мора да одговори: дали донациите се вршени согласно со закон? Работењето на АД МЕПСО под претходното раководство е сомнително по неколку основи, а особено во донациите.“ – нагласува ВМРО ДПМНЕ во своето соопштение.



Натаму, ВМРО ДПМНЕ истакнува: За 2024 година на име донации и спонзорства АД МЕПСО предвидело вкупно 12.300.000 денари, а потрошило по оваа основа 22.712.500 денари. Законот за донации и спонзорства предвидува да се утврди целта на донацијата и таа да биде од јавен интерес. Оттука се поставуваат неколку прашања.  

Прво, кој е јавниот интерес кога станува збор за донацијата на АД МЕПСО, односно од донацијата за Здружението на граѓани за промоција 22 Нентор? Здружението добило 120.000 денари. Второ, СЕСОН добило 300.000 денари и ОФ на Македонија добило 1.000.000 денари, а нема никакви јавни податоци. Трето, Центарот за модерни и спортски танци Прима Данца од АД МЕПСО добил 300.000 денари во месец април оваа година. Четврто, боречки клуб Тефејуз Скопје од АД МЕПСО добил 300.000 денари.

Објавеното е само мал дел од листата на донации, кои ги давало АД МЕПСО, а за кои има основано сомнение дека не е почитуван Законот. Затоа прашуваме: дали согласно член 19 од Законот за донации и спонзорства се изготвени извештаи меѓу давателот и примателот на донацијата, бидејќи извештаи согласно закон се задолжителни? Дали врз основа на извештаите јасно е утврден јавниот интерес, односно користа од донацијата за јавноста?

Јавноста ќе ја информираме за сите неправилности, а за нив надлежните институции треба да реагираат веднаш. Одговорност за непочитување на правните норми  мора да има.