Со точно 35.683 амандмани, што е апсолутен рекорд во историјата на македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ на денешната пленарна седница од 11 часот ќе го напаѓа Законот за употреба на јазиците, а СДСМ нема поднесено ниту еден предлог за промена на текстот на кој претседателот Ѓорге Иванов стави вето.



Драстично сменетата слика во однос на собраниската седница од 11 јануари, кога владеачките социјалдемократи имаа четири забелешки на законскиот текст, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ бојкотираше поради притворањето на шестмина нејзини пратеници за настаните од 27 април минатата година, навестува блокирање на законот што предвидува албанскиот јазик да стане службен на целата територија на државата.

Илјадниците амандмани не се непознат метод во македонскиот законодавен дом за опструирање законско решение – во 2012 година ДУИ го блокираше донесувањето на Законот за посебните права на бранителите со 15.451 амандман.

Третото читање на Законот за јазиците е прва точка од вкупно 45 на денешната 32. седница на овој состав на Собранието.