ВМРО ДПМНЕ: Нема да дозволиме Ахмети и бандитите во врвот на ДУИ да ја киднапираат иднината на РМ и да подбуцнуваат тензии!

„ДУИ во моментов е во заложништво на мала група бандити во врвот. Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија. Нема да дозволиме една криминална банда да ја киднапира иднината на сите граѓани на земјава и да подбуцнува тензии во државата постојано кога нема да е на власт и кога ќе треба да се соочи со правдата.“соопшти владејачката македонска партија ВМРО ДПМНЕ денес.



Во своето соопштение ВМРО ДПМНЕ нагласува: Ставот и принципите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се секогаш да ја кажува вистината и информациите, кои се важни за јавноста, да ѝ ги соопштува. Денес ситуацијата е сосема поинаква од претходно кога СДС беше седната во скутот на ДУИ и кога криеше сè што се случува, соучествувајќи во сите бандитски зделки и дилови, како и во уривањето на институциите на државата, поради што денес државата е пред банкрот, а институциите се разурнати.

Претседателот Мицкоски низ годините постојано најавуваше и предупредуваше за повеќе нешта, кои подоцна се случија, како што беа Преспанскиот договор, Францускиот предлог или за разликата на изборите, што се покажа како точна со добиени повеќе од 500 илјади гласа за ВМРО-ДПМНЕ и предност од повеќе од 150 илјади гласа во однос на СДС. Истото се потврди и за локалните избори, како и за многу други прашања, кои Мицкоски ги најави.

СДС на ваков паничен и љубоморен начин реагира секогаш кога ќе се спомне ДУИ, само затоа што нивната папочна врвца на криминалот не е прекината. Имено, СДС сѐ уште е извршител и измеќар на ДУИ. Предупредуваме дека ќе се случува сето ова, што го прават СДС и ДУИ, бидејќи точно знаеме дека, според нив, тоа е единствениот начин да се обидат да се заштитат себе си и стекнатото богатство од криминалот, кој го правеа со години и децении, злоупотребувајќи ги позициите на власт и моќ и довербата од граѓаните. Тоа време заврши. А во тоа ќе се уверат многу брзо!

Темите што се обидуваат да ги пласираат и наметнуваат директно или индиректно преку нивни инсталации, дали овој или оној се информирани, дали имало точни информации или не, се депласирани и нема да го изменат тоа што го кажа претседателот Мицкоски. А тоа е вистината! Во оваа вистина ќе се уверите во периодот што доаѓа. ДУИ планира агресивно дејствување за заштита на сопствениот криминал, во тоа ќе бидат помогнати од нивни измеќари, како овие од СДСМ. Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри од глава уривањето на принципот на коалицирањето „победник со победник“, кој тој го наруши во 2017-та.

Нема да дозволиме една криминална банда да ја киднапира иднината на сите граѓани на земјава и постојано кога нема да е на власт и кога ќе треба да се соочи со правда, да подбуцнува тензии во државата. Македонија е членка на НАТО и е демократска држава во која мора да владее правото. Колку побрзо ДУИ се соочи со тоа и се реформира, толку побрзо Македонија ќе оди напред кон ЕУ.

ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот, а Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите за сите чесни членови на ДУИ и за сите од други партии и етнички заедници, за чија иднина и добробит сме подготвени да работиме посветено и пожртвувано. Додека чесните членови на ДУИ се борат за парче леб и подобар живот и нивните роднини и пријатели гледаат како да се иселат од државава, мала група во врвот на ДУИ станаа милионери на грбот на нивните членови и на целиот народ. Македонија е заедничка држава и нема да дозволиме заедно бандити и криминалци од партиите да ја држат во заложништво.