Иако лидерот Никола Груевски веднаш по завршувањето на вториот круг од локалните избори синоќа објави дека ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите, неговата партија нема намера да ги врати освоените градоначалнички и советнички мандати.
Портпаролот Иво Котевски не гледа причина за тоа, сметајќи дека на тој начин само би му се помогнало на СДСМ за „узурпација на волјата на гласачите и за реализација на нивниот план за обезбедување целосна власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси“.
ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во Кавадарци, Зрновци, Илинден, Сопиште и во Петровец, а коалицијата „За подобра Македонија“ што ја предводи има повеќе од половината советници во општините Гази Баба, Илинден и во Сопиште. Просто мнозинство, пак, има во Зелениково, Петровец и во Росоман.





