„Што се крие зад купувањето деловен простор од страна на Левица по цена од 721 евро за еден квадратен метар во центарот на Скопје кога во овој дел на градот не може да се најде квадрат под 2000 евра? Ги повикуваме надлежните органи и институции да го истражат овој сомнителен купопродажен договор!“ – реагира владејачката македонска партија ВМРО ДПМНЕ..
Натаму во своето соопштение ВМРО ДПМНЕ истакнува: Таканаречениот „левичар“ Димитар Апасиев е целосно демаскиран. Апасиев левичарско во себе го има само името на партијата Левица, која ја предводи. Ништо друго: ниту политики, ниту почитување закон, ниту идеи, ниту идеали. Тој и луѓето околу него во Левица се грижат само за себе, гледаат колку што можат повеќе финансиски и имотно да се обезбедат себеси и партијата.
Тоа се повеќе излегува на површина, а за тоа потврда е и последниот случај каде што Апасиев преку Левица, на сомнителен начин купил деловен објект во центарот на Скопје по далеку пониска цена од пазарната. Станува збор за деловен простор со површина од 409 метри квадратни во строгиот центар на градот, веднаш зад седиштето на компанијата А1 кој го купил преку партијата на 26 ноември 2024. Цената, која што Апасиев ја платил за овој простор е 295 илјади евра со данок на доадена вредност. Што значи дека го купил по 721 евро за еден квадратен метар во време кога во централното подрачје на Скопје не може да се купи квадрат под две илјади евра.
Овој имот Левица го купила преку извршител, кој, по редот на нештата, требал да обезбеди повеќе заинтересирани купци, за да постигне конкуренција во наддавањето и со тоа да се дојде до повисока цена. Дополнително спорно во сева ова е што доверител на имотот бил Унибанка, која има бугарски капитал, а во истиот период банките даваат кредити за купување на објекти по далеку повисока цена, додека во Центар во Скопје не може да се најде под 2000 евра за м².
Зошто банката го дозволила ова и зошто не анимирала свои клиенти за наддавањето? Која е економската логика на банката тука? Дали зад овој купопродажен договор се крие договор под маса меѓу извршителот – Апасиев и доверителот? Дали зад ова купување се крие нешто повеќе и што е тоа?
Може и Артан Груби да му позавиди на Апасиев на ваквата разработена шема за купување деловни простории во центарот на Скопје по багателна цена, чиј брат на улица Македонија купи деловни простории, исто така, по далеку пониска од пазарната. Затоа ги повикуваме надлежните органи и институции да го истражат овој сомнителен купопродажен договор. – реагира ВМРО ДПМНЕ.





