Во обраќањето пред присутните на семакедонскиот собир за одбрана на името и на идентитетот во Скопје владиката Петар, порачувајќи дека само Господ може да ја спаси Македонија, а „браќата Грци“ најмногу ќе помогнат со тоа што нема да отстапат од своите црвени линии за името на македонската држава.
„И Грците, и другите соседи не сакаат да ни го сменат името. Не, браќа и сестри. Тие сакаат ние самите да си го смениме, сами да си ја ставиме јамката. Ако сами тоа го направиме, тешко нам. Затоа, сите оние браќа и сестри што ги положиле своите животи за оваа Македонија, кога ќе отидеме на Страшниот суд, ќе ни судат и ќе ни речат: ‘Ние животите ги дадовме за Македонија, а вие ја продадовте Македонија’. Е тоа не треба така да биде. И сега со овој собир верувајте дека на сите им правиме добро – и на позицијата, и на опозицијата, и на сите дојдени и недојдени. Зошто? Затоа што оние што преговараат ќе разберат и ќе размислат сериозно при олку народ дали ќе се осмелат да одат и понатаму да нема црвени линии. Ќе има. Не – ние треба она што е донесено како став за тоа да се застапуваме, а понатаму што ќе биде ќе видиме. Јас мислам дека најмногу ќе ни помогнат браќата Грци за да не се смени името со тоа што нема да отстапат од нивните црвени линии и така Господ ќе најде начин како ќе ја спаси Македонија“, рече митрополитот преспанско-пелагониски и администратор на австралиско-новозеландската епархија на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) пред илјадниците граѓани собрани вечерва спроти зградата на Парламентот.





